![pesevski](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2014/03/pesevski.jpg?resize=549%2C344&ssl=1)
Ѓорге Иванов ја покажа димензијата и како човек и како претседател, истакна денеска вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, на митингот во Валандово.
„Ја покажа димензијата и како човек и како претседател. Тој заседава со советот за национална безбедност. Опозицијата критикува дека треба почесто да се свикува Советот. Напротив, фактот дека Иванов знаел како да управува со кризни состојби, без да се создава впечаток дека во државата постои криза, но сепак да се сретне со сите релевантни луѓе, докажа каков претседател е тој“, рече Пешевски.
Тој нагласи дека Иванов е човек со високи квалитети, кој не сака да прави себепромоција, но цели да го реши проблемот.
„Велат дека претседателот нема надлежности во економијата, но Иванов го предлага гувернерот на НБРМ, најодговорна функција за одржување на макроекономската стабилност во државата. За разлика од претходните претседатели кои именувале луѓе политички фигури, Иванов не подлегна под политички притисоци, туку одбра најдобар професионалец за таа функција“, потенцираше Пешевски.
Тој нагласи дека Македонија на полето на макроекономијата бележи одлични резултати, тоа го велат најрелевантните институции од светот.