Националниот совет за претприемништво и конкурентност на Република Македонија (НСПКРМ) одржа седница на која беа разгледани реализираните активности во изминатиот период и планот за 2014 година, како и предлог-мерките за подобрување на конкурентноста на Република Македонија предложени од членките на Советот кои треба да бидат доставени до Владата на понатамошно разгледување и усвојување.
„Владата на Република Македонија препознава дека со развој на приватниот сектор ќе се подобри конкурентноста на македонската економија во целост, и затоа тоа е еден од нејзините приоритети. Притоа важни фактори се воведувањето нови технологии и знаења. Токму затоа мерките за подобрување на конкурентноста кои ги предлага Националниот совет за претприемништво и конкурентност се особено значајни во тој процес“, изјави вицепремиерот за економски прашања и претседавач со Советот Владимир.
НСПКРМ формираше посебен постојан Комитет кој континуирано ќе работи на развој на мерки за подобрување на конкурентноста на македонската економија, при што ќе го следи и Извештајот за глобална конкурентност на Светскиот економски форум.
Во рамките на НСПКРМ формирани се и комитети за мали и средни претпријатија и занаетчии, за домашни и странски инвестиции, за човечки ресурси, за технолошки развој, за креативни индустрии, како и Секторски комитет со пет работни групи за секторите: туризам, автомобилска индустрија, земјоделство и преработка на земјоделско производство, текстил и услуги на логистика.
Членови на Советот се претставници на стопанските комори, деловни асоцијации, бизнис-здруженија, образовни и експертски здруженија, факултети… Негова цел е да придонесе за зајакнување на дијалогот меѓу Владата на РМ и деловната заедница и да промовира идеи и начела кои ќе овозможат долгорочен и одржлив економски развој на Република Македонија.
Основањето и работата на Националниот совет за претприемништво и конкурентност на Република Македонијае поддржано од Проектот на УСАИД за унапредување на инвестирањето и извозот.