Песков ги отфрли тврдењата дека Путин е болен, се насмеа на тврдењата за двојниците

Портпарлот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги отфрли во вторникот повторните пишувања на западните медиуми дека наводно рускиот претседател Владимир Путин е болен и се насмеа на повторуваните од истите извори тврдења дека користи двојници коишто наводно го заменуваат на јавните настапи.

„Со него (Путин) сѐ е во ред, тоа е апсолутно лажна вест“, изјави Песков на редовниот дневен брифинг со новинарите акредитирани во Кремљ одговарајќи на прашање за пишување на платформата Telegram без извор кој наводно е руски и го преземале западните медиум. Според таа објава, рускиот претседател наводно во неделата вечерта имал „сериозни здравствени проблеми“.

Песков се насмеа и на дополнителното прашање за наводните двојници и негираше дека Путин има дублери.

„Тоа спаѓа во категоријата апсурдни информациски подметнувања за коишто цела низа медиуми расправаат со завидна упорност. Тоа предизвикува смеа“, рече Песков.

Путин, кој е мајстор на боречки вештини и врвен џудо спортист, долго време го негува имиџот на човек кој води здрав спортски живот и често престојува во дивина, наполни 71 година на 7-ми октомври. Забележително е што редовно одржува и интензивен распоред на состаноци и јавни настапи, од кои повеќето директно се пренесуваат на телевизија.

Неговата неодамнешна програма ја вклучуваше минатонеделата посета на Кина на форумот „Појас и пат“, а на враќање посети два руски града, од кои едниот беше Ростов на Дон, непосредно до границата со Украина, чија област е често цел на украинските прекугранични напади.

Во едно интервју од 2020 година, Путин ги негираше долгогодишните шпекулации во западните медиуми дека користи цела низа двојници, иако, како што рече тогаш, во минатото му била понудена можност да има еден од безбедносни причини.