Песков: Ирационален е предлогот за забрана на визите за руските граѓани

Кремљ ги осуди повиците на некои европски лидери да се воведе забрана за влез во ЕУ на руските граѓани, велејќи дека тоа е „ирационален” предлог и најнова манифестација на западната антируска агенда.

„Чекор по чекор, за жал, и Брисел и одредени европски земји покажуваат апсолутен недостиг на расудување“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Според него, постапките на Европа кон Русија се „на граница на лудило“, што значи дека Брисел реално би можел да воведе таква забрана.

„Се разбира, таквата одлука не може да остане без одговор“, рече Песков.

На состанокот во Прага оваа недела, министрите за надворешни работи на ЕУ ќе разговараат за иницијативата на балтичките земји и некои други да се забрани влезот на руските туристи во Шенген зоната.

Нордиските и земјите на источна ЕУ силно се залагаат за забрана на издавањето визи за руските туристи, нагласувајќи дека патувањето во Европа е привилегија, а не право.

Сепак, Франција и Германија се против овие предлози, велејќи дека тоа би било контрапродуктивно.