Песков негира дека Кина и Русија водат „вакцинална војна”

Русија апсолутно го отфрла тврдењето на францускиот претседател Емануел Макрон дека Москва и Пекинг ги злоупотребуваат вакцините против коронавирусот како инструмент за влијание, изјави денеска портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.

Тој негираше дека Кина и Русија водат „вакцинална војна” и посочи дека Москва никогаш не ја политизирала ниту ја политизира вакцинацијата, пренесува ТАСС.

– Русија е одговорна членка на меѓународната заедница, а нивото на одговорност на членовите на светската заедница најдобро се покажува во вакви тешки денови и години на пандемија како што сега ги преживува целото човештво, рече Песков.

Тој додаде дека лидерите на Русија и Франција, Владимир Путин и Емануел Макрон, имаат широк спектар на теми за кои категорично не се согласуваат, но дека Москва не го запира патот што води до дијалог.