Кривичната постапка што ја отвори руското внатрешно разузнавање Федералната служба за безбедност (ФСБ) против Евгениј Пригожин поради „вооружен бунт“ и „повик на започнување вооружен граѓански судир на руска територија“, по бунтот на борците на неговата приватна воена компанија „Вагнер“ ќе биде запрена, а тој „ќе замине во Белорусија“, појасни портпаролот на Кремљ, Дмитриj Песков во саботата доцна ноќта на брифинг за новинарите.
Пригожин ќе се пресели во Белорусија според договорот постигнат со посредување на белорускиот претседател Александр Лукашенко за да се запре вооружениот бунт кој Пригожин го водеше против рускиот воен врв, рече Песков. Додаде дека Лукашенко се понудил за посредување, со согласнот со рускиот претседател Владимир Путин, бидејќи лично го познава Пригожин дваесеттина години.
Песков не кажа каков би бил статусот на Пригожин во Белорусија и со што би се занимавал таму.
Властите, исто така, нема да ги гонат припадниците на групацијата „Вагнер“ кои учествувале во бунтот поради нивните заслуги на првата линија на фронтот, додаде Песков пред новинарите.
„Што се однесува до другите борци, оние кои учествувале во бунтот, нив никој нема да ги гони, земајќи ги предвид нивните заслуги на фронтот“, рече Песков.
Во брзиот развој на драматичните настани во саботата, малку претходно рускиот пратеник Павел Крашниников изјави дека на борците на „Вагнер“ им е ветена амнестија ако го положат оружјето, но оти тоа мора да го сторат брзо.
„Борците на Вагнер сѐ уште можат да го положат оружјето и да ја избегнат казната имајќи ги предвид нивните постигнувања во текот на специјалната воена операција (во Украина)“, изјави пратеникот.
Руското Министерство за одбрана уште во саботата претпладнето апелираше до борците на „Вагнер“, велејќи дека многу од нивните другари веќе ја сфатиле грешката.
„Многу ваши другари од неколку одреди веќе ја сфатија својата грешка барајќи помош за да се обезбеди можност безбедно да се вратат на нивните постојани места на распоредување. Таква помош од наша страна веќе им е дадена на сите борци и команданти кои се пријавија“, соопшти Министерството за одбрана.
Во продолжение на брифингот Песков рече дека прекинатиот бунт на „Вагнер“ „на ниеден начин“ нема да влијае врз руската воена интервенција во Украина.
„Во ниеден случај… Специјалната воена операција продолжува. Нашата војска успеа да ја одбие украинската противофанзива“, рече Песков одговарајќи на новинарско прашање за можните последици од бунтот врз плановите на Кремљ во Украина.
Песков одби да одговори дали за Прогожин се направени некакви отстапки освен безбедносните гаранции за него и неговите борци, за кои рече дека претседателот Владимир Путин го дал својот збор.
Борците кои не учествувале во директното подготување на бунтот ќе потпишат договори директно со Министерството за одбрана, според законот донесен претходно седмицава, а со кој од 1-ви јули под единствена команда ќе бидат ставени сите автономни доброволечки одреди и борбени формации, кои постојат особено на територијата на проруските региони во Украина формирани по превратот во Киев 2014 година и почетокот на тамошната граѓанска војна.
Пригожин во објавата за повлекувањето на единиците на „Вагнер“ во своите бази објави токму дека една од причините за бунтот е тоа „што сакаа да нѐ расформираат“ и ги повика во Ростов на Дон министерот за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на Генералштабот Валериј Герасимов за кои бараше да му се предадат откако изминатите месеци жестоко ги критикуваше и навредуваше во јавноста за некомпетентност за водење на војната во Украина, за бирократија и корупција.
Вонредната антитерористичка состојба во неколкуте градови на југот на Русија, како и во главниот град Москва, воведени поради бунтот на „Вагнер“ и натаму остануваат на сила. Портпаролоката на московскиот градоначланик потврди дека на сила останува претходно донесената одлука понеделник 26-ти јуни да бие неработен ден во Москва.
Во бунтот на „Вагнер“, според западни извори, биле вклучени 25.000 борци, од кои 5.000, како што тврдеше Пригожин стасале на 200 километри од Москва, откако нивните конвои во Ростовската и Воронежката област биле гаѓани од воздушните сили.
Пригожин објавувајќи го бунтот ноќта кон саботата тврдеше дека руската војска со ракети и со бомбарирања ги нападнала базите на „Вагнер“ и биле убиени „многу борци“, што руското Министерство за одбрана категорично го негираше.
Во текот на саботата се појавија повеќе информации за гранатирања, пукања, детонации на локациите каде беа единциите на „Вагнер“ како и за соборени неколку борбени авиони или хеликоптери, за кои не се знае чии се, бидејќи и привантата воена формација е опремена и со борбени летала и со тенкови и тешки борбени оклопни возила.