По информацијата која ја објавивме на Нетпрес, за појава на опасни вируси во градинка во населбата Карпош 2, од општината обелоденија дека деновиве пет деца од градинката „Орце Николов“ фатиле коксаки, но состојбата била под контрола.
Регистрирана е појава на вироза предизвикана од „Коксаки тип А“ вирусот. Вирозата за прв пат е констатирана во понеделникот кај две дечиња од јасли (возраст од 0 до 8 месеци), а во вторникот се пријавени уште 3 случаи, кај две деца од јасли и едно во групата до 3 години, додека вчера и денеска (среда и четврток) нема појава на ниту еден случај со ваква вироза.
Од страна на Општина Карпош и директорката на градинката веднаш е информирани Центарот за јавно здравје, од каде дојде стручен тим, како и Санитарната инспекција по што е направен увид и записник. Констатиорано е дека не станува збор за алармантна состојба и дека се испочитувани сите мерки пропишани со протокол за одржување на санитарно-хигиенска состојба. По увидот, постапено е по сите дадени упатства, односно преземени се сите мерки за целосна дезинфекција на објектот – детската градинка. Превентивно беа повлечени и децата од групата јасли, меѓутоа нивното згрижувањето и натаму продолжува без никаков проблем, информираат од Општина Карпош.
Увид во градинката, направил и градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев, заедно со својот тим и стручни лица од Општината и од градинката.
И од Центарот за јавно здравје ја потврдија оваа информација, укажувајќи дека нема потреба од паника, но и дека случаи со појава на ова вирусно заболување неодамна се евидентирани и во градинки во Општина Кисела Вода и во Општина Бутел.
Наша екипа беше во градинката, напревена е дезинфекција по наше барање, преземени се сите потребни мерки. Одењето на терен, да се видат условите во објектот и дезинфекцијата е редовна постапка кога ќе добиеме информација од градинката или пријава од доктор за присуство на некое вакво заразно заболување кај дете што оди во некоја градинка. Нема потреба од паника кај родителите, велат од Центарот за јавно здравје.
Денеска, во 16.30 часот ќе се одржи состанок со стручните лица за хигиенска заштита и со лекарскиот тим кој е постојано лоциран во оваа детска установа, за да им се укаже на тоа за каков вид на вироза станува збор и за превентивните мерки кои градинката постојано ги прави, но и за мерките за хигиена кои треба да се почитуваат и дома.