Пет домашни и една странска компанија се новите инвеститори во општина Петровец. Овие компании најавија изградба на капацитети во индустриската зона Ржаничино.
Парцелите на последното јавно наддавање на Општината Петровец ги купија Фалкон логистик-шпедиција, компанијата Иринг, која се занимава со инженеринг, Про дизајн која се занимава со трговија на мебел и опрема за домаќинство, ММ интернешенел, винарска визба, Сезал која се занимава со производство на лифтови и грчката фирма Фарма ген, која се занимава со трговија на фармацевтски производи.
Продажбата на овие градежни парцели претставува влез на уште шест нови инвеститори во Општина Петровец, а реализацијата на овие инвестиции ќе значи можност за уште 200 нови вработувања, со што ќе се намали невработеноста во Општината, наведуваат од Општина Петровец.
Додаваат дека до сега во Општина Петровец имаат влезено 127 инвеститори од кои 7 странски од Италија, Албанија, Турција, Словенија, Австрија, Бугарија и Грција.
Во моментот во Општина Петровец се во фаза на изградба на 20 индустриски капацитети, а во оваа 2016 година ќе започнат со изградба на уште 30 објекти.
Општината, како што истакнуваат, од овие причини и поради големиот интерес на домашните и странски инвеститори заедно со Владата на РМ е во постапка на проширување на индустриската зона Ќојлија за уште 33 хектари, нови градежни површини.