Девојче на возраст од пет години доцна синоќа починало на Детската Клиника во Скопје. Детето три дена претходно се лекувало на Институтот за белодробни заболувања Козле од вирусна пневмонија.
„Поради влошување на состојбата со појава на невролошки симптоми (пореметена свест, конвулзии) детето е префрлено на Клиника и првично примено на одделот за неврологија. Веднаш е свикан конзилиум, земени се лабораториски иследувања и поради тешката состојба со засегнување на мозокот и црниот дроб, префрлено е на одделот за интензивна нега и терапија. Лабораториски се потврди пандемски грип – H3N1 Influenca A.
Дадена е терапија со тамифлу, антибиотска терапија, кислородна поддршка, хепатопротективна терапија, антиконвулзивна терапија, интравенски имуноглобулини, плазма и друга специфична терапија. Поради влошување на респираторните симптоми детето е интубирано, но и покрај сите преземени мерки почина во 23.30 часот после 13 часа престој на Клиниката“, се вели во соопштението од Детска Клиника.
Детето, според информацијата од Клиниката, претходно често се следело и лекувало во Институтот во Козле и на Клиника со дијагноза астма.