Фудбалерите на Парис Сен Жермен изборија пласман во осминафиналето на Купот на Франција откако на гостински терен го совладаа нисколигашот Пеи де Касел со дури пет гола на Килан Мбапе со 7:0.
Францускиот шестолигаш добро се држеше половина час, но во последните 15 минути од првиот дел париските ѕвезди постигнаа дури четири гола. Три постигна Килан Мбапе (29, 35, 41), а еден Нејмар (33).
Во вториот дел Мбапе стрелаше прецизно ште двапати (56, 79), а еден гол постигна Карлос Солер (64).
Брилијантниот Мбапе со тоа стана првиот играч во историјата на парискиот клуб кој постигнал пет гола на официјален натпревар. Исто така, тоа е првпат Мбапе да постигне пет гола на еден натпревар.
Досега неговиот рекорд беше четири гола. Тој постигна четири гола првпат во октомври 2018 година во победата на ПСЖ со 5:0 против Лион, а потоа во ноември минатата година во победата на Франција со 8:0 против Казахстан.
Ждрепката за осминафиналето е веќе извршена, а ПСЖ во следното коло ќе ги одмери силите со Олимпик од Марсеј.