Видни функционери на ДУИ се посочени во јавноста како лица кои комуницирале телефонски директно со обвинети за убиства и извршување на терористички акти не само во случајот Смилковско Езеро, туку и во Случајот Диво Насеље .
Јавноста во Македонија се’ уште е во шок после изјавата на Горан Наќевски, таткото на Александар едно од убиените момчиња кај Смилковско Езеро на Велики Четврток 2012 година. Во својата изјава пред судот Наќевски тврдеше дека Зоран Заев им посочил дека функционери од ДУИ комуницирале со обвинетите за монструозното убиство.
На една од средбите, сегашниот премиер Зоран Заев ни кажа дека тие броеви се на пет функционери од ДУИ, а ни покажа и транскрипт од разговор воден помеѓу потпретседателот на ДУИ, Невзат Бејта со обвинетиот Фејзи Азири. Не ни ги даде транскриптите бидејќи ни рече дека ќе сторел кривично дело, но затоа бараме од судот да изврши претрес во СДСМ и да ги одземе овие документи. Бараме и Заев, ако треба и стражарно да се донесе во судница, па тука да се соочи со сите родители за да видите дека ја зборуваме вистината, рече Горан Наќевски.
Родителите бараа Зоран Заев да се соочи со нив пред суд каде што треба да дојде и да сведочи. Што се однесува до Невзат Бејта, кој моментално е надвор од државата и не е достапен за коментар, тој беше посочуван како клучен за формирање на коалицијата помеѓу СДСМ и ДУИ во неколку наврати остваруваше средби со Заев во 4 очи, а беше и директно поддржуван од страна на СДСМ во текот на кампањата на последните локални избори во Гостивар каде беше заеднички кандидат на двете партии. Дури и самиот министер за внатрешни работи учествуваше во неговата кампања и не штедаше зборови да го истакне значењето на Бејта во нивната заедничка борба против ВМРО-ДПМНЕ.
Ова не е прв пат во јавноста да има информации дека високи партиски функционери на ДУИ контактирале пред, за време и после сериозни безбедносни и терористички предизвици, со директните учесници во нив.
Како што информираше порталот МКД.мк и неколку други извори за време на рочиштата за групата обвинета за случувањата во Диво Насеље имињата на најмалку тројца министри од ДУИ, според обвинетите, директно или индиректно се вмешани во терористичкиот напад во Диво Насеље во Куманово на 9 и 10 мај 2015 година. За време на судските рочишта, обвинетите ги споменаа имињата на Садула Дураку, министер за екологија, на Хазби Лика, вицепремиер за Рамковнот договор, на Бујар Османи, вицепремиер за евроинтеграции и на пратениците на ДУИ Артан Груби и Ејуп Алими.
Обвинетите сведочеа дека тие биле „покриени“ во куќата на Садула Дураку, тогаш градоначалник на Липково. Од сведочењата може да се заклучи дека откако групата илегално влегла во Македонија, мештани им организирале слободно движење, храна, сместување, превоз со возила на Брза помош. Комуникацијата на групата терористи главно одела со високи претставници на ДУИ, меѓу кои и Али Ахмети, Артан Груби, Дураку, Османи.
За овие настани на 37 лица им се суди за тероризам и терористичка организација. Во нападот во Куманово на 9 и 10 мај пред 2 години, загинаа 8 специјалци, а 42 беа повредени. Ликвидирани беа 10 терористи.
Како и во случајот со Смиљковско Езеро, така и во случајот со Диво Насеље јавноста не знае каква била улогата на функционерите на ДУИ, зошто тие комуницирале со извршителите на свирепите и терористички акти и што е содржината на тие разговори.