Петер: Компаниите да носат одлуки веднаш и сега, да не чекаат поради изборите

Директорите на компаниите да не ги одложуваат одлуките поради изборите, туку да ги носат веднаш и сега, порача претседателот на Советот на странски инвеститори, Штефан Петер пред почетокот на денешниот работен состанок со владиниот економски тим во Стопанската комора на Македонија.

Бизнисот, нагласи Петер, мора да продолжи и да напредува.

Како што изјави пред почетокот на состанокот, клучни теми ќе бидат најгорливите проблеми на компаниите – царините и одливот на стручен кадар од земјава. Ќе стане збор, рече, и за економските реформи кои се неопходни.

-Овој состанок е многу важен за нас и доаѓа во одлично време зашто сме тука да го почитуваме Пржинскиот договор, дека Парламентот е на пауза. Но, на пауза не се глобалната и македонската економија, а не запира ниту бизнис секторот. И за него нема пауза. Ги повикувам директорите на фирмите, и странски и домашни, да не чекаат со донесувањето одлуки по изборите, туку да реагираат веднаш и да донесуваат одлуки сега, потенцира Петер.

Напомена и дека Советот не адресира проблеми до Владата, туку решенија.

Вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска која го предводи владиниот тим на состанокот, истакна дека посветено се работи на усогласување на понудата и побарувачката на пазарот на труд. Веќе се реализирани, информира, и десетина проценти од предлозите на компаниите кои се наведени во Белата книга за 2018 година.

-Како Влада ги изанализиравме сите нивни предлози, направивме пресеци, а денеска, на овој состанок ќе дискутираме кои се оние што досега се реализирани и што останува пред нас како предизвик, секако, пред да ја публикуваат нивната Бела книга за 2019 година. Сега ја анализиравме онаа што ја издадоа за 2018-та и сметам дека сме во добра стартна позиција зашто околу десетина проценти се веќе реализирани од нивните предлози, а дополнително околу 50-на се во процес зашто голем дел од регулативата е во трудовото законодавство. Тоа се безбедност и здравје при работа и новиот закон за работни односи кој го работевме заедно со стопанските комори. Голем дел од оние барања кои се поставени во Белата книга веќе се адресирани во новото законско решение кое очекуваме да биде ставен во собраниска процедура по составот на новата влада, рече Царовска.

На новинарско прашање во врска со проблемот на бизнисот со царините, вицепремиерката одговори дека на состанокот има претставници од Царинската управа и од Министерството за финансии. – Важно е да се дискутира и кога ќе се донесе конечното решение, тоа да биде во можност да се имплементира и да биде во корист за сите засегнати страни. Јас сум сигурна дека во наредниот период ќе се изнајде решение, дополни Царовска.

Советот на странски инвеститори претставува преку 130 компании во земјава.