Тешко болното пет-годишно момче Ашја Кинг, кое стана познато откако неговите родители беа обвинети за киднапирање од болница во Велика Британија без согласност на лекарите, ја заврши серијата на зрачење со протони во Чешка.
Како што јави дописникот на МИА од Прага, детето, кое се лечеше од тумор на мозокот, деновиве со своето семејство ќе замине за Шпанија, каде најверојатно ќе се подложи на хемотерапија, која неговите родители ја одбија во Чешка.
– На секој родител би му рекол, дека кога вашето дете е болно, силата е во знаењето. Меѓу лекарот и семејството не смее да има конфликти. Болниците би требало да ве информираат какви се сите можности, но не треба да ве присилуваат на ниту една, изјави Брет Кинг, таткото на детето.
Тој додаде дека во Велика Британија ќе се вратат, дури откако ќе заврши истрагата за случајот.
Во врска со здравствената состојба на неговиот син, тој изјави дека е подобра, дека не прима никакви лекови и дека не му е повеќе потребна сонда за вештачка храна иако лекувањето на ракот и понатаму ќе продолжи.
Детето во Прага беше лекувано еден ипол месец во прашкиот Протонски центар. Според лекарите, лекувањето било стандардно, со протонска радиотерапија, зрачење на одредени делови на мозокот и ‘рбетот и била препорачана хемотерапија истовремено.
– Со лекарите заклучивме, дека Ашја нема потреба од хемотерапија. Неговиот тумор, многу точно беше локализиран и по две лумбални пункции резултатите покажаа дека туморот не метастазирал, објасни таткото.
Според него, лекувањето ќе продолжи во Шпанија, со подавање на хемотерапија, а се ќе биде платено од британското здравство, кое го финансира и лекувањето во Прага.
Според чешкиот лекарски тим, шестнеделното лекување во Прага има позитивни резултати. Момчето добило на тежина и како што можеа да забележат и новинарите, детето кое претходно само лежеше, сега седи и има моторни функции.
Сепак, чешките лекари потенцираат дека е потребно време и понатамошното лекување за конечни резултати.
Семејството Кинг, имаше спор со британските лекари, поради несогласување со лекувањето кое им било понудено, по што синот по една операција, на своја одговорност го однесоа во Шпанија.
По нив трагаше Интерпол и на кратко родителите беа притворени во шпански затвор, заради пријавата дека момчето е во животна опасност.