Петгодишно дете од Требош и 27-годишна тетовка биле повредени од автомобили во две одвоени несреќи што се случиле вчера во Тетовско, информира денеска портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.
Несреќата во која било повредено петгодишното дете се случила околу 17 часот во тетовското село Требош кога патничко возило „Опел астра“, што го управувал З.Х.(53) од ова село удрило во детето кое веднаш било пренесено и задржано за опсервација во Тетовската клиничка болница.
Другата сообраќајка се случила исто така вчера, околу 12 часот и 30 минути на крстосницата на улиците „Борис Кидриќ“ и „Илинденска“ во Тетово. Патничко возило „Голф“ со тетовски таблици управувано од тетовецот Н.И.(31) налетало и удрило во М.Ц.(27).
„Од ударот М.Ц. добила телесни повреди и со друго возило пренесена е во тетовската болница. По укажаната лекарска помош пуштена е на домашно лекување,“ рече Јосифовски.
Полицијата извршила увид на местата на двете сообраќајки и работи на утврдување на причините.