Европратеничката Маријана Петир , која претседава со групата на пријатели на Македонија во Европскиот парламент, изрази загриженост за политичката состојба во Македонија и за прифаќањето на „Тиранската платформа“ од страна на СДСМ и побара да се разгледа можноста за одржување нови избори.
– Условите на трите партии кои ја застапуваат албанската заедница во Македонија, кои по изборите формираа таканаречена „албанска платформа“, не се во согласност со Уставот на Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ, како партија која победи на изборите, ги отфрли овие услови. Албанската платформа се создаде во соработка со премиерот и министерот за надворешни работи на Република Албанија, претставува директно кршење на македонскиот Устав, и ги загрозува правата на македонскиот народ во нивната матична држава. Со неа се бара на албанската заедница, која веќе ги ужива сите малцински права, да и се даде статус на државотворен народ, посочува европратеничката Петир.
Според неа, Република Македонија се наоѓа во ситуација која не е предвидена со Изборниот законик – на партија која победи на изборите со лидер на кој Претседателот на Републиката му довери мандат, да и биде ускратена поддршката од другите политички опции.
– Како политички победник, ВМРО-ДПМНЕ покажа подготвеност да поддржи малцинска Влада на СДСМ, во интерс на македонскиот народ, но со отфрлање на уцените на малцинските партии. СДСМ го одби овој предлог и ја прифати „албанската платформа“, како пост-изборна творба создадена во странска држава, во соработка со странски Влада, пишува во реакцијата на Петир.
Хрватската европратеничка ги повикува сите политички актери во Македонија да го почитуваат Устав и да ги надминат политичките поделби, за да продолжат реформите во земјата. – Доколку не е возможно да се постигне коалиција меѓу двете најголеми партии во Македонија, не треба да се исклучува одржувањето на нови избори како решение од кризата, додава Петир.