Хрватската политичарка во изјава за дописникот на МИА од Брисел рече дека „овој притисок врз ДИК е крајно загрижувачки и не е прифатлив“ и дека „опозицијата доби се што бараше и сега треба да се почитува победата на ВМРО-ДПМНЕ на изборите“.
Овој притисок врз ДИК е крајно загрижувачки и не е прифатлив. Имавме двегодишен период на политичка криза, бидејќи опозицијата не ја прифаќаше својата улога во демократското општество дадена за нив во демократски изборен процес од страна на македонскиот народ. По одржувањето на долгоочекуваните предвремени избори, кои се случија по барање на опозицијата, сега се соочуваме со истата ситуација одново – неприфаќање на изборните резултати. Јас сум загрижена и ги повикувам сите релевантни актери да ги почитуваат изборните резултати и довербата и улогата која им беше дадена од страна на македонскиот народ, вели европратеничката Петир.
Според хрватската политичарка во Европарламентот, Македонија имала „многу успешен изборен ден, како и фер, демократски и мирни избори, без никакви забележани нерегуларности“. Тоа, според Маријана Петир е забележано и од страна на ОБСЕ/ОДИХР, а го потврди и поздрави и Европската унија.
Сепак, останувам загрижена поради притисокот по изборите што се прави на Државната изборна комисија за да ги разгледа резултатите од изборите. Се надевам дека сите партии ќе ги почитуваат резултатите од изборите кои ја изразуваат волјата на македонскиот народ. Изборите се одржаа, при што сите барања на опозицијата беа земени предвид. Иако за малку, сепак ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите и тоа треба да се почитува. Правење притисоци, преиспитување на изборните резултати, бојкоти или барања за други избори ќе ја ослабнат демократијата, потенцира Петир.
Хрватската европратеничката од редовите на Европската народна партија (ЕПП), оцени дека најавите за некакви нови бојкоти на работата на парламентот, дека „нема да бидат одговор на изборните резултати во демократските земји“.
Бојкотот не донесе онаму каде што сме сега и многу ја чинеше стабилноста на земјата, како и патот на земјата кон европската интеграција. Верувам дека овие избори ќе бидат нов почеток за Македонија и нејзиниот народ за надминување на тешкотиите од последните две години. Македонија има потреба од силна и стабилна влада. Македонскиот народ, особено младите луѓе, заслужуваат влада која ќе продолжи со реформите, ќе ги донесе до ЕУ и ќе им се обезбеди подобра иднина, порачува Маријана Петир.
На крајот во нејзината изјава за МИА, пратеничката во Европскиот парламент и прв човек на групата „пријатели на Македонија во ЕП“ порчаува дека таа и официјален Брисел очекуваат формирање на стабилна и силна влада, што според неа е исклучително важно за граѓаните на Македонија. Таквата влада, според неа треба да донесе програма за реформи и таа програма да доведе до враќање на Македонија на евроатланскиот пат.
Владата треба да го продолжи економскиот напредок на земјата, да го задржи првото место на земјата во привлекувањето на странски инвестиции на Балканот и да го задржи статусот на Македонија како една од најдобрите во Европа за остварување на бизнис, според ранг-листата во „Дуинг бизнис“ на Светската банка. Ова е предуслов за младите луѓе да останат да живеат во Македонија, а од нив зависи иднината на оваа прекрасна земја, рече Маријана Петир.