Петкоска: Како пратеникот Лазе Танески стана главен хотелиер во Охрид? И дали е вистина дека фирма блиска до него има камиони во РЕК Битола?

По речиси 8 години охриѓани гледаат дека СДС имале пратеник од Охрид по име Лазе Танески кој дури сега смогна храброст и се појави на комична прес-конференција. СДС и Танески бесцелно ги напаѓаат градоначалникот Кирил Пецаков и ВМРО-ДПМНЕ кои имаат трипати повеќе доверба од охриѓани за разлика од нив. СДС и Танески се служат со конструкции и лаги мислејќи дека можат да направат дефокусирање од нивната неспособност и криминал, ова денеска преку прес-конференција го истакна пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Лидија Петкоска.

-Охриѓани да, навистина чекаат одговор, но нив ги интересира каква е состојбата со фамилијарното стебло на пратеникот Танески? Ќерката е вработена докторка и како најдобра и најзаслужна добила инстант специјализација, а зетот за ќерка е вработен во контрола на летање веднаш после назначувањето на Лаки за претседател на ОО СДС. Дали партиската определба и фамилијарната поврзаност се основен услов за вработување за СДС и кланот Танески? Охриѓани чекаат и одговор дали е вистина дека блиска фирма до кланот Танески и зетот има камиони во РЕК Битола и дали е тој директно вклучен? Охриѓани се прашуваат како Танески стана главен хотелиер молејќи по вратите на локалната самоуправа во време од ВМРО-ДПМНЕ за одобрение за градба на хотелот, каде подоцна со предмет во градежниот инспекторат, базенот и другите помошни објекти се прогласени за дивоградба и не исполнуваат услови за легализација. Токму затоа пратеникот Лазе гласаше за Законот за легализација и ревносно го промовира истиот иако е против препораките на УНЕСКО за кои наводно се изборил тој и СДС. Охриѓани сакаат да знаат дали кланот Танески има возен парк од преку 200.000 евра и три СУВ возила ауди и кој му ги плати? Затоа и ја повикуваме ДКСК да го испита возниот парк на чие име се води, затоа што во анкетниот лист како пријавен во ДКСК како пратеник, возилата не се пријавени во него, вели Петкоска.

Таа прашува дали е на повидок нов „Артан Груби“ случај од редовите на СДС?

-Дали е вистина дека вработените преку Синдикат на РЕК Битола и ЕЛЕМ (сега ЕСМ) летуваат во хотелот Лаки редовно и зошто токму тој хотел е избран од целата охридска ривиера? СДС и Танески како централна власт немаат ништо сработено за Охрид и никако не можат да се помират дека градоначалникот Пецаков и ВМРО-ДПМНЕ како локална власт градат и работат домаќински. Танески и неговиот клан нека си погледне во неговата партија колку нивните функционери се поврзуваат со криминални афери на дневна основа и да дадат одговори на многу прашања. Овие се работите кои ги интересираат охриѓани и очекуваат одговори! Патувањата на СДС и Танески конечно ќе завршат на избори! Таков силен одговор ќе добијат од граѓаните каков што не може ни да замислат, вели Петкоска.