Лага е дека сум сакал сам да го тргнам ветото. Ден откако темата Македонија придонесе за распад на владината коалција, бугарскиот премиер, Кирил Петков, одговори на обвинувањата дека водел сопствена надворешна политика.
„Секогаш и секаде сме се воделе од три главни барања“, посочи Петков, „за кои бараме гаранции од Европската Унија дека ќе бидат исполнети“.
„Бидејќи утрово и во последните денови слушнав секакви лажни тврдења дека бугарската влада имала две надворешни политики, сакам да им дадам јасно до знаење на бугарските граѓани и на комесарот Вархеји дека Бугарија има три јасни барања Македонија да оди напред. Придржување до рамковниот став што го усвои бугарското Собрание, вклучување на Бугарите во Северна Македонија во Уставот за да се заштитат нивните права и трето, да се спроведе договорот за соседство. Едноставно и јасно“, ова го изјавил премиерот Кирил Петков по средбата со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, јавуваат бугарските медиуми.
Но со тоа не се согласува министерката за надворешни Генчовска, која доаѓа од партијата „Има таков народ” и која вчера ја напушти коалицијата.
На последниот ден како шефица на бугарската дипломатија, таа тврди дека причина за ваквата одлука на нејзината партија е поради тоа што дознале дека премиерот ветувал алтернативен пат за кревање на ветото.
Нема решение, има фрустрација. Договор меѓу Македонија и Бугарија се уште се бара, рече еврокомесарот за проширување на заедничката прес конференција со Петков.
Вархеи кој во Софија долета директно од Охрид посочи дека во моментов само една земја го кочи почетокот на преговори за Македонија, а во Софија е 4-ти пат во последните шест месеци, со надеж дека ќе чуе позитивни вести.
Од македонска страна нема коментар за политичкиот хаос во кој влезе Бугарија, токму пред клучниот европски самит на кој се носи одлука за почеток на преговори.
Премиерот Ковачевски вчера кусо оцени дека ова е внатрешно политичко прашање на Бугарија, без коментар дали и како ова ќе влијае на текот на преговорите меѓу двете земји.