Директорот на Канцеларијата на Владата на Србија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ утринава изјави дека Србите не смеат да „паѓаат на провокации“ и дека мора да ги почитуваат КФОР и ЕУЛЕКС кои се должни да ги штитат на Косово и Метохија.
„Релативно е мирно, но ситуацијата е напната до степен на вжареност поради (косовскиот премиер Албин) Курти, кој сака да се справи со српскиот народ на Косово и Метохија“, изјави Петковиќ за РТС.
Тој повтори дека Србите подигнале барикади поради апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција Дејан Пантиќ, нагласувајќи дека е уапсен невин човек, кој бил затворен „којзнае каде, без причина“.
„Станува збор за кршење на човековите права на Србите на Косово и Метохија. Србите на барикадите сакаат да го бранат Бриселскиот договор бидејќи Курти не почитува ниту еден договор. Србите се понижувани и секојдневно го трпат насилството на Курти“, рече Петковиќ.
Не дај Боже да дојде војна, правиме сè за да ги зачуваме мирот и стабилноста и не смееме да паднеме на провокации, заклучи тој.