Петковски: И Бугарија и Македонија како држави се 100 години зад визиите на Гоце Делчев

Јас не само што не паметам туку не сум можел ни да замислам една ваква ситуација со Бугарија. И не сум рамнодушен. Роден сум во една друга друга држава во 1945 година, па сега на 78 години се прашувам каде погрешивме и како е можно некој да ми каже дека не постојам? А еве сум, тука сум, на ова место. Политичарите во голем дел им го загорчуваат животот на луѓето, вели Тито Петковски, поранешен претседател на Собранието, во емисијата Студио 10 на ТВ24.

-Повеќе од сигурен сум дека ова е долгорочна државна политика. Она што сега се случува во Македонија, што сме толку чувствителни за ликот на Гоце Делчев кој е човек кој ги надминува границите со своите сфаќања, е незамисливо, вели Петковски и додава дека е разбирлива чувствителноста кон негирањето но е зачудува нашата фрагилност кон провокациите од луѓе кои се осудени и од Европскиот парламент за своето фашизоидно однесување.

За Петковски е зачудувачки што еден европарламентарец доаѓа во Македонија, ја негира земјата па дури и повикува на атентат на претседателот, но од друга страна на таквите провокации според Петковски не треба да се одговара.

-Тоа е настан што ние го одбележуваме секоја година и нема потреба од тоа да се прави вонредна состојба. Нашата полиција ја контролира целата земја и навистина нема потреба да доаѓа бугарска полиција напомош, вели Петковски.

Тој додава дека тие луѓе кои сега создаваат немир до лани не доаѓаа пред гробот на Гоце Делчев. – И ова сега мислам дека не е случајно туку е за нивна внатрешна бугарска политика. Бугарија е земја на ЕУ која има најмногу проблеми и е најсиромашна. Нивниот претседател е единствен кој има нескриена руска ориентација. Провокации прават само политичари кои немаат добри намери, констатира Петковски.

Петковски посочува дека и бугарските граѓани ги препознаваат лошите политичари и за тоа е пример падот на изборите на радикалните политички партии, иако постојано се појавуваат некои нови.

-Мислам дека треба македонските и бугарските историчари да ги отворат сите архиви за Гоце Делчев. И ако Гоце Делчев е оној кој ги спојува двете држави тогаш нека се смета за творец за двете држави, вели Петковски и додава дека мора да се повикуваме на факти.

Петковски посочува дека во бугарските архиви може да се најде говорот на Георги Димитров за последниот завет на Гоце Делчев кој сакал да почива во главниот град на независна Македонија за којашто се борел и залагал и затоа неговите мошти се пренесени во Скопје во времето на Георги Димитров и Јосип Броз.

-Мислам дека Бугарија и Македонија како држави сме 100 години зад визиите на Гоце Делчев, вели Петковски.