Селекторот на македонската ракометна репрезентација до 20 години Зоран Петковски истакна дека секој пласман различен од првото место на претстојниот квалификациски турнир за Европското првенство во Австрија ќе го смета за неуспех.
-Исланд според рејтингот е прв фаворит на турнирот, ние не размислуваме така и за нас се друго освен пласман на ЕП ќе биде неуспех. Играчите се подготвени, желни за докажување, а истото се однесува и на стручниот штаб, изјави Петковски.
Оптимистички расположен беше и капитенот Борјан Маџовски.
– Ракометот во Македонија станува спорт број еден. Не респектираме никого, имавме добри услови за време на подготовките, атмосферата во репрезентацијата е одлична и очекувам со поддршка од публиката на крајот сите заедно да се радуваме, вели Маџовски.
Турнирот ќе се одржи од утре до недела во СРЦ „Кале“ во Скопје, а влезот ќе биде слободен за сите натпревари. Македонија своите дуели ќе ги игра од 19 часот.
Двојки: петок (4 април): Исланд – Грција и Македонија – Италија.
сабота (5 април): Италија – Исланд и Грција – Македонија.
недела (6 април): Италија – Грција и Македонија – Исланд.
Само првопласираната репрезентација ќе обезбеди пласман на јуниорското Европско првенство кое годинава ќе се одржи во Австрија.