Петриќ јуниор две години во Вардар

Македонскиот ракометен тим Вардар 1961 ќе прави реконструкција на тимот за следната сезона по разочарувачкото трето место во тукушто завршената кампања, а веќе е потврдено второто ново име.

22-годишниот ракометар на Партизан, Стефан Петриќ, постигна договор со вардарци, објави српски портал. Големиот ракометен потенцијал кој настапува на левата бековска позиција доаѓа како замена за Филип Талески кој се прости од Вардар.

Претходно, Вардар го донесе и левото крило на Металопластика, Марко Срдановиќ. Синот на некогашниот ракометар на вардарци Владимир Петриќ ќе се стави на располагање на подготовките, а договорот е на две години.

Петриќ веќе еднаш беше во Македонија, играше на У19 Светското првенство. Вардар чека потврда за настап во еврокуповите, а доколку таа пристигне, тогаш најтрофејниот македонски клуб ќе игра во квалификациите за Европската лига.