Петров: Македонија ќе биде транзитна земја за рускиот гас кон Европа

Македонија ќе биде транзитна земја за рускиот гас кон Европа – вели во интервју за МРТ заменик – претседателот на Комората за трговија и индустрија на Руската Федерација, Георги Петров.

Петров  објаснува дека проектот „Турски тек“ се уште е во зародиш, со многу отворени прашања и проблеми што треба да се надминат, во прв ред меѓу Гаспром и европските партнери, но се зголемува потребата од природен гас на стариот контитент и тука е шансата на Македонија.

-Сите енергетски аналитичари очекуваат да се зголемува потрошувачката на природен гас во Европа. Секој гасовод е оправдан, ако од една страна има доволно ресури, а од друга страна има потреба. Верувајте ми – Русија ги има потребните ресури, а има и побарувачка. Затоа сметам дека ќе се реализира овој гасовод, а Македонија нема да биде само потрошувач, туку транзитна земја за рускиот гасж, вели Петров.

Според него Македонија не треба да се плаши од рускиот капитал кој е особено присутен во енергетскиот сектор.

Со проектот за изградба на гасовод што го работи „Стројтранс гас“, вреден 75,5 милиони долари, Македонија ќе добие поевтина и поеколошка енергетска алтернатива, а тоа ќе значи и подобрување на бизнис – климата, со што може да се очекуваат и нови инвестиции од Русија.

-Според официјалните податоци, во Македонија веќе се влезени 400 милиони долари руски инвестиции. Тоа воопшто не е мала бројка, иако не е конечна. Ќе дојдат нови руски инвестиции, бидејќи Владата на Македонија многу работи на привлекување руски инвестиции во Македонија. Условите за инвестирање во Македонија се подобруваат. Иако се работи за мал пазар, тој е многу атрактивен како резултат на географската позиција и економските врски со другите земји. Македонија не треба да се плаши од рускиот капитал бидејќи рускиот бизнис е одговорен, креира нови работни места, плаќа даноци, а влијае и на подобрување на инфраструктурата, истакна Георги.

Туризмот е секторот со најголем потенцијал за соработка меѓу Македонија и Русија. Тука е и пласманот на македонски земјоделски и прехранбени производи на тамошниот пазар, кој лани креираше половина од вкупниот извоз во оваа земја. Потребен е договор за слободна трговија но, според Петров, ова нема да биде едноставана операција бидејќи Русија е дел од Евроазиската економска унија. Според ДЗС, лани размената со оваа земја достигнала 182 милиона долари, од кои само 42 милиона отпаѓаат на нашиот извоз.