Одбранбената соработка помеѓу Северна Македонија и Европската Унија била главна тема на разговор меѓу министерката Славјанка Петровска и високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел кој е во посета на Скопје.
Како што соопштија од Министерството за одбрана (МО), министерката Петровска му се заблагодарила на високиот ЕУ претставник за поддршката од Европскиот мировен фонд за модернизација и зајакнување на капацитетите на Армијата, тежок 9 милиони евра.
„Средствата кои Европскиот мировен фонд ги издвои за унапредување на опремата на Армијата на Северна Македонија ќе ги зацврстат капацитетите на Армијата, особено на лесната пешадиска баталјонска група“, порачала министерката Петровска.
Борел пак ја поздравил македонската поддршка за Украина, како држава која ја брани сопствената територија, и порачал дека Унијата е посветена на развојот на одбранбената соработка со земјава.
„Со одлуката Европскиот мировен фонд да додели 9 милиони евра за унапредување на опремата на Армијата на Северна Македонија, Европската Унија дава свој придонес за зајакнување на Армијата која активно учествува во мисиите и операциите на ЕУ. Се радувам што имав можност да поразговарам со жените и мажите припадници на Армијата, кои служеле во мисии предводени од ЕУ. Ви честитам и благодарам и се надевам дека ќе продолжите со вашето учество во мисии“, порача Борел, се наведува во соопштението на МО.
Борел претходно денеска учествуваше на 16-ти состанок на Советот за Спогодбата за стабилизација и асоцијација во Скопје, кога ги најави дополнителните 9 милиони евра од инструментот за мир за надградување на опремата на вооружените сили. На Советот се разгледувал напредокот на земјава во подготовките за преговори за членство во ЕУ.