Петровска: Одлуките за донација за Украина се класифицирани од безбедносни причини

Одлуките за донација на воена помош и вооружување за Украина се одлуки на суверена и самостојна држава, без оглед на тоа што сме членка на НАТО, и сме дел од колективниот систем на безбедност.

Од безбедносни причини тие се класифицирани, изјави денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска.

-Од првата одлука до сега се донесени само три одлуки за донација кои се класифицирани од безбедносни причини. Тие содржат внатре детали што и каков вид на опрема и во која количина се донира. Од првата одлука кога ја донесе Владата на својата седница на предлог на Министерството за одбрана, во јавноста беше искомуницирано и соопштено дека носиме одлука за донација и во сите три случаи се следеше тој пример, притоа информацијата која што беше споделена експресно со јавноста е дека донесовме одлука за донација на воена опрема и вооружување за потребите на украинската армија. Детали не беа соопштени од безбедносни причини, но тоа не значи дека кога ќе направиме проценка дека не постои никаков безбедносен ризик тие три одлуки ќе бидат соодветно декласифицирани и јавноста апсолутно ќе знае точно што во која количина и каков вид на опрема и вооружување сме донирале кон Украина, рече Петровска на новинарско прашање на прес-конференцијата по повод претстојното одбележување Денот на Армијата и јубилејот „30 години Армија“.

Во однос на коментарите и шпекулациите во јавноста кои настанале околу одлуките на Владата, таа нагласи дека е тоа е одлука на суверена и независна држава.

-Одлуката која ја донесе Владата апсолутно претставува одлука на суверена и самостојна држава, без оглед на тоа што сме членка на НАТО и сме дел од колективниот систем на безбедност, но Владата сметаше дека во услови кога една друга суверена независна и самостојна држава – Украина е нападната треба да помогнеме водејќи се од општите принципи на самостојност.  Од тие причини мотовирани ја донесовме одлуката за поддршка на Украина во опрема и вооружување, затоа што  Украина е државата коа што беше нападната и која што се брани од агресија, појасни Петровска.

Таа потврди дека дел од таа донација се и тенковите, при тоа не кажа во колкав број и која количина. Тие не се веќе дел од формацијата на Армијата, оти вели, не се потребни и особено нагласи дека при носењето на политичките одлуки апсолутно било земено предвид мислењето и првенствено бил консултиран Генералштабот на Армијата, како одговорни за гарантирање на борбената готовност на нашата држава.

-Сите барања кои се однесуваат на донација од каков било вид или каков било вид на отуѓување на опрема која ние ја поседуваме, апсолутно се во координација со ГШ на Армијата и по нивни добиени позитивни мислења дека таа опрема е неперспективна, непотребна на нашата армија, се отуѓуваат во соодветна постапка или во случајот со тенковите со донација. Така што ги демантираме апсолутно сите шпекулации дека со оваа донација или која било друга претходно, се нарушува борбената готовност на нашата Армија, изјави министерката за одбрана Петровска.