Министерката за одбрана Славјанка Петровска, во однос на дојавите за бомби и од информациите за состојбата што ги добива од безбедносно-разузнавачките служби, изјави дека нема реална закана по националната безбедност.
– Изјавите кои ги дадов во изминатиот период се темелат на информациите од безбедносно-разузнавачките служби, а тоа е дека во моментов нема реална закана која што може да влијае на нашата национална безбедност. Се разбира тоа е податок кој што постојано во континуитет го споделуваат три служби разузнавачки меѓу себе и со тоа го известуваат државниот врв. Секако како и досега, ако се појави каков било зголемен ризик за безбедноста граѓаните ќе бидат соодветно информирани. Од таму се темели мојата изјава, рече Петровска.
Министерката се согласи со констатацијата на новинарите дека заканите за бомби предизвикуваат паника во јавноста, но, сепак, потенцира дека реална закана во овој момент нема.
Во однос на соработката со НАТО за ова прашање, Петровска рече дека тие биле известени во смисла да помогнат и да дадат поддршка во рамките на капацитетите со која располага Алијансата.
Министерката посочи дека од првиот ден МВР ги презело оперативните активности за справување со оваа појава.
– Дополнително од НАТО е побара поддршка во справувањето со овие хибридни закани на подолгорочен рок, би рекла заради тоа што улогата на Алијансата е во тој дел, рече Петровска.