Петровски за Алфа: Заедничкото празнување на Илинден е небулоза

Ова што Заев го прави и претходно во Атина што направи неговиот министер за надворешни работи всушност создава нови посложени проблеми кои во наредните децении тешко ќе биде да се решат, вели во гостувањето на Алфа телевизија директорот на Државниот архив Филип Петровски.

„Ајде да го викнеме и Ердоган на Мечкин Камен, па заедно и со Турците да го одбележиме празникот. Македонија има држава само заради Илинденското востание, односно како еден од најзначајните моменти кога со многу крв и жртва ја плаќаме и покажуваме на светот дека имаме способност да имаме своја држава. После Илинден страда македонскиот народ и доаѓа во поделба на Македонија, токму од една од државите каде беше Заев. За мене е ова една голема небулоза и сметам дека ќе создаде трајни проблеми кои тешко ќе се решат. Се соочуваме со еден драматичен обид за политичко замешателство во историјата кој не може да заврши среќно и ќе донесе само проблеми кои ќе треба да ги исправаат тие што ќе дојдат од утре натаму“, рече Петровски.

Смета дека со овој чин Македонија апсолутно ѝ го отстапува на Бугарија најголемиот македонски празник.

„Ние сме се бореле со векови за оваа држава. Никој нема право да си игра со нашите борби, нашето наследство, со она во кое се вложија нашите предци и да го тргнува за дневно политички потреби за држење на фотелјата. Има други начини во дипломатијата како можеше Заев да се договори да биде разбран позитивно и пријателски, но не на штета на сопствениот народ, држава, историја и иднина“, додаде Петровски.