Директорот на Државнот архив Филип Петровски за Алфа телевизија даде коментар по најавите на Зоран Заев за промена на учебниците по историја, односно промена на сето она што не е во новиот дух на соработка меѓу Македонија и Бугарија.
„Па, нека дојдат и во Државниот архив да ги уништата документите, па да нема докази дека ние сме кренале востание во 1903, па нека ги избришат и од 1944 година, па нека биде дека од 1991 сме ја почнале државата. Го предупредувам и го повикувам да се освести и да не си игра со наследството и историјата на македонскиот народ. Овој народ крварел со децении со векови. Не може со политичка одлука тоа да се поништи“, рече директорот на Државниот архив.
Петровски додава дека убаво е сите државници да се поклонат пред жртвата на илинденците, на Мечкин Камин, добредојден е секој кој сака да се поклони на македонските споменици. Ние исто така треба да ги почитуваме спомениците и изразот на другите држави, рече тој.
„Меѓутоа, Самоил има различни погледи во нашите две држави за историската припадност и значењето. За мене има логика што отиде (Заев) да се поклони по негово барање, бидејќи слушнавме дека тоа не било во агендата на оваа посета, на споменик каде пишува Самоил б’лгарски цар. Дали тоа беше продолжување на идеологијата, политиката и предлозите на Фрчковски да се откажеме од се што било пред 1944 или 1991 треба да заклучи македонската јавноста. Но, јасно е дека со сите потези што ги влече, се прави обид да се затвори целата историја наназад и ние да се прикажеме како нова нација. Но, има уште живи луѓе, три-четири генерации и вистината и историјата се пренесува од семејствата. Нашите луѓе добро знаат дека тоа што се прави е буквално насадување на неавтентична историја и нема да помине, заклучи Петровски.