Петрушевски: Јавувањето на Заев кај службеници на царина има кривично дело

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски во дебатниот магазин „Клик плус“ на ТВ21 истакна дека во јавувањето на премиерот Зоран Заев кај полициските службеници на граничен премин за пропуштање на возила има кривично дело.

„Еден премиер на држава јавно признава дека се јавува по службеници во оваа држава за да врши ургенции за граѓани кои него ќе му се јават. Јас прво јавно би го замолил премиерот Заев да го објави неговиот број за да не се чувствуваме дискриминирано и ние останатите граѓани во оваа држава и да можеме сите да му се јавуваме кога ќе имаме проблеми“, истакна Петрушевски.

Тој вели дека таму има кривично дело затоа што има променета службена белешка службеникот кој бил на работното место.

„Во првата службена белешка стоело дека по јавување на премиерот Зоран Заев ги пропуштил патничките возила, за да подоцна истата службена белешка биде променета и по добиени инструкции биде заменет делот и биде избришан делот Зоран Заев како премиер“, посочи Петрушевски.