Петрушевски бара Судскиот совет да ја преиспита својата одлука

Судскиот совет и Советот на јавни обвинители со упадот во Академијата за судии и јавни обвинители уште еднаш покажаа зошто народот нема доверба во правосудството, рече на денешната прес-конференција пратеникот Бране Петрушевски.

-Наместо да назначат за членови на УО на Академијата судии и јавни обвинители, тие назначија свои членови. Судскиот совет и Советот на јавни обвинители го прекршија законот, а притоа назначија и луѓе блиски до СДС. Како од стотици судии Советот на јавни обвинители и Судскиот совет за членови на УО на Академијата избраа свои членови, кои патем се и сестра на пратеничка од СДС, мајка на советничка од СДС и братучетка на полициски началник од времето на СДС? Ги повикуваме и Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да ги преиспитаат своите одлуки, зошто во спротивно ќе бидат директно одговорни за нарушување на кредибилитетот на правосудните органи, истакна Петрушевски.

Овие незаконски и партиски назначувања се доказ зошто се потребни реформи во правосудството, додава Петрушевски.