Петрушевски: Иако се зголемува бројот на министерствата, ефективноста се намалува на Владата

„Кога зборуваме за едни европски вредности мора да напоменеме и за родовата еднаквост. За жал, оваа влада има само четири жени министерки што е дури под 20%. Далеку сме од она што го ветуваше Заев и СДСМ за над 50% министри по родова застапеност. Така што овдека уште одиме надолу во тој сегмент“,истакна Бране Петрушевски во утринска емисија на Алфа телевизија.

Петрушевски додаде дека иако се зголемува бројот на министерствата сепак родовата застапеност не е она што го ветуваше Зоран Заев. И се намалува ефективноста на владата.

„Да имаше некаква зголемена продуктивност би било во ред, меѓутоа дефинитивно тие министерства без ресор се користат само за да се задоволат одредени меѓукоалициски договарања и преговарања, ништо повеќе на страна на продуктивноста“, појасни Петрушевски.

Петрушевски посочи дека разочараноста кај него од културата во Собранието се уште стои бидејќи од страна на парламентарното мнозинство се слушаат разно разни навреди и препукувања.

„Многу малку можеше да се соочи она што ние како аргумент мислам опозицијата го критикувавме да се слушне како она што е напишано во програмата на владата, во програмата на мандатарот како ќе биде реализирано, затоа што едно е да се напише дека ќе имаме економски раст од 5% што убаво звучи, меѓутоа она што очекував јас таму да дебатираме како ќе се стигне до тој економски раст од 5%. Како ќе се зголемат платите? Како ќе се реши спорот со Бугарија? Затоа што и тоа беше напоменето дека ќе се започнат преговори. Оваа влада е рекордер во добивање на датуми, има 4-5 датуми досега добиено, но ние никако да добиеме датум за почеток на преговори со ЕУ“, рече Петрушевски.

Петрушевски укажа дека многу малку можеше да се слушне како тоа министрите го замислиле да се исполни она што беше напишано во програмата на Ковачевски.