Петрушевски: Како Ковачевски и Спасовски дозволиле во Македонија да се креира шпионски софтвер, каква е поврзаноста на СДС и ДУИ со Сајтрокс, зошто ЈО молчи?

-Како Ковачевски и Спасовски дозволиле во Македонија да се креира шпионски софтвер, каква е поврзаноста на СДС и ДУИ со Сајтрокс, зошто ЈО молчи?
Ковачевски и Спасовски треба да одговорат како е возможно во Македонија со години да се развива шпионски софтвер, за кој НАТО и САД се против, а власта ништо да не преземе?, праша на прес конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
-Ова е доказ дека власта е лицемерна, и само за бледа реторика ги користи НАТО и ЕУ и САД, а кога треба да се прави профит не им е гајле за никој од нашите стратешки партнери. Дополнително опасно е тоа што софтверот на фирма која заврши на црна листа на САД, а како што потврдија истражувачки новинари бил развиван во Македонија, и тоа со години. Дали Ковачевски и Спасовски свесно дозволиле да се развива таквиот шпионски софтвер, особено ако знаеме дека фирмата уште во 2021 година била ставена на црна листа на Фејсбук. Спасовски и Ковачевски не можат да кажат дека и за тоа не знаеле. Туку треба да одговорат зошто не преземале ништо и дали можеби и тие ги користеле услугите на тој софтвер и ако да, за кои цели?
Дали и во Македонија, како и во Грција со помош на тој софтвер се следени политичари, новинари и јавни личности, и дали тоа е причината зошто Спасовски и Ковачевски не реагирале уште кога Фејсбук ја ставил фирмата на црна листа, а не да чекаат и САД да го сторат истото? Како може Спасовски и Ковачевски да немаат ефективна контрола и знаење што се случува во Македонија, а тоа да го знаат во САД? Очигледно е дека знаат, но не реагираат.
Спасовски и Ковачевски ја загрозуваат нашата безбедност, го загрозуваат НАТО и сите сојузници. Со вакви неспособни политичари, Македонија оди само надолу.
ЈО да не биде само посматрач и да реагира, зошто со свесно нереагирање станува соучесник, рече Петрушевски.