
Вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски и поранешниот генерален секретар а сега само секретар на Владата, Драги Рашковски, кои деновиве се популарни во јавноста по одмори во луксузните Дубаи и Мексико, откако се функционери во споредба пред да дојдат на функција имаат зголемување во имотот, рече на денешната прес конференција, Бране Петрушевски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицскиот пратеник на почетокот посочи дека откако Николовски е функционер, порано министер и сега вицепремиер, профитот на фирмата на неговиот брат „Лариком Импекс“ е зголеман за 2,300 отсто, и дека е особено индикативно што тоа се случува во време на пандемија, кога 55.000 луѓе останаа без работа а 6.200 фирми се затворија.
„Јавноста се прашуваше од каде му на Николовски пари за одмор во Дубаи, кој според податоците на интернет со хотелско сместување и авионски билети за двајца за три дена чини околу 3.000 евра? Особено, ако се земе предвид дека Николовски е државен службеник, односно именувано лице, чија плата е околу 60-ина илјади денари. Драги Рашковски, кој исто така деновиве е на одмор на луксузна дестинација во Мексико, откако си заминал од функција имотот му е зголемен за 50-ина илјади евра“, посочи Петрушевски.
Додаде дека според она што може да се види на интернет страниците за букинг, одмор во Мексико со авионски билет чини околу 20.000 евра. Рашковски, исто така, е службеник и неговата плата е околу 60.000 денари, истакна Петрушевски.
„Во анкетните листови, ниту Љупчо Путерот, ниту Драги Рашковски не пријавиле друг извор на приходи, освен приходите од плата. Доколку немаат друг извор на приход, од каде им пари за одмор во Дубаи и Мексико, дали тоа значи дека одморот им го платил некој друг или на друг начин отишле на одмор? Доколку имаат друг приход, а не го пријавиле, зошто не го пријавиле? Доколку според нив не се точни цените на аранжманите нека излезат и нека покажат јавно колку го платиле одморот. Ја повикуваме ДКСК и ЈО да ги истражи патувањата на Љупчо Путерот и Драги Рашковски, одговорност мора да има“, заклучи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.