Петрушевски: Мицкоски покажа државнички однос и застана на страна на граѓаните, а власта само докажа дека нема компас како да се справи со енергетската криза

Она што беше договорено на таа средба е дека ќе се разгледаат контактите кои што ние им ги доставивме. Она што е важно да се истакне се два моменти. Прво со самото прифаќање на средбата побарана и иницирана од претседателот Мицкоски, ако се вратите наназад нели веќе неколку месеци па и години не сакаа средба со нас, ниту со Мицкоски, иако Ковачевски кога го доведоа на власт рече дека првото кафе ќе го испиел со лидерот на опозицијата, но истото не се случи, неколку средби бараше претседателот Мицкоски и истите не се случија, а ова што сега се случи е само еден показател дека оваа Влада апсолутно нема компас за оваа криза. Ниту пак има план Владата, ниту знае што ќе прави. Значи се најдени во тесно, доведени до ѕид и мора да реагираат некако, па ете вака да го амортизираат револтот на јавноста прифатија средба со претседателот Мицкоски“, истакна Бране Петрушевски пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во емисијата „Што не е јасно“ на Алфа телевизија.

Петрушевски додаде дека втора работа што мора да ја потенцира е дека претседателот Мицкоски покажа државнички однос и ја одбра страната на граѓаните. Претседателот Мицкоски го понуди своето знаење, ги понуди своите контакти и им ја нацрта шемата како да се справи државата со енергетската криза.

„Сега останува до нив, дали ќе го прифатат овој план или ќе го одбијат. Она што е мое лично мислење, а познавајќи ги како функционираат изминатиов период, мислам дека самите цени кои што овие контакти ги нудат, тоа се скоро двојно поевтини цени на енергенсите и на мазутот, и на гасот, па и на јагленот, мислам дека тоа не им одговара на власта и на нивните зделки кои што веќе ги имаат направено во главата“, појасни пратеникот.

„Второ што е многу важно, покрај она нудење на контакти каде што можат да ги набават енергенсите по многу поевтина цена, и тоа се контакти на едни луѓе кои што се како претседателот Мицкоски и луѓето околу него се докажани професионалци. Тие дури им понудија и технички план како да се надмине кризата согласно нашите расположливи капацитети, согласно импутот кој што тие го дадоа, можноста да работи РЕК со три блока, каде да набават јаглен, мазут, можноста како ТЕ-ТО да функционира. На крајот на краиштата како да се затопли Скопје. Но не по онаа логика на премиерот Ковачевски дека ќе се загреала водата и ќе одела по цевките и така ќе се загрееле домаќинствата на Скопје, што е вака едно можам да кажам и потценување на самите новинари кои што го поставија тоа прашање. Туку се предложи на Владата прецизно и стручно, експертски план како тоа треба да се сработи во една нормална држава каде што приоритет на Владата треба да биде интересот на граѓаните“, појасни Петрушевски.

Петрушевски посочи дека власта нема никакви мерки за заштита на граѓаните, додека законите со кои се фали воопшто не се поднесени, односно никој не ги видел, а во меѓувреме бизнисите пропаѓаат заради високите сметки за струја.

„Апсолутно немаат никаква мерка за граѓаните, и се уште нема закони за кои се фалеа дека ќе им помогнат на најпогодените граѓани, и ги оставија малите и средните претпријатија на кои струјата им е зголемена за 40-50% и ги оставија 1.360 големи компании, и 360 јавни институции без никаква помош. Владата не им овозможува на македонските бизниси конкурентност во регионот, затоа што плаќаат убедливо најскапа струја од сите други во регионот, со тоа владата ги оштетува и во делот на конкурентноста и во делот на ликвидноста“, рече Петрушевски.

Тој истакна дека додека државите во регионот сериозно се спремаат како да ја преживеат зимата и како да набават енергенси владата на СДСМ се фокусира на напади ко ВМРО-ДПМНЕ и покрај понудениот план за справување со кризата.

„Тука нема политика, експертски им нудиме план, и ако не го спроведат ќе дојдеме до сериозна ситуација да не може да се затоплат училиштата, а децата повторно да се онлајн настава, да не може болници да се затоплат, да не зборуваме за домаќинства. Како најголема политичка партија располагаме со најголем потенцијал и го нудиме тоа на владата за да се справиме со кризата“, истакна Петрушевски.

За извештајот на Светска банка каде се вели дека на Македонија и се заканува стагфлација, тој рече дека ако се чита извештајот нашата економија е како да сме во војна или непосредно.

„Буквално како да сме во војна, до тоа дереџе не доведе оваа влада. Ефектот во економијата е како да не нападнал некој и затоа ги имаме овие параметри. Е толку е голема нивната неспособност“, изјави Петрушевски.

Петрушевски во текот на своето гостување истакна дека Ковачевски да ја сакал државата во 2001 година ќе служел воен рок и ќе ја бранел таа држава, но тој фалсификувал документи и се покажал трајно неспособен за да сега не знае како да се извади де бил во образованието, де имал операција.

Петрушевски истакна дека тоа што Ковачевски вели дека интересот му е кај граѓаните, тоа не држи вода затоа што кога требало да биде на страната на граѓаните тој избегал и дезертирал.

„Ги знам на кој начин ги вршат или ги вршеле тие работи на сите тие луѓе околу него кои биле некоја елита на СДСМ во Куманово. Ниту им биле во интерес државата, ниту одбраната на државата. Единствен интерес им било како да избегнат служење на воен рок и нашле еден таков механизам да се претстави за трајно неспособен како не би служел воен рок“, рече Петрушевски.

Тој потенцираше дека најпрвин премиерот Ковачевски треба да и се извини на јавноста затоа што наместо да се сконцентрира на спроведување на политики кои ќе овозможат подобар живот на граѓаните, тој се сконцентрирал на тоа неговите фирми да добиваат тендери државни и државна помош.

„Зарем е европска вредност како премиер да си доделуваш државна помош на своите фирми, зарем европска вредност е на бившиот премиер да му доделиш милион евра државна помош за неговата фирма? Тоа не е европска вредност тоа е балканска вредност“, вели Петрушевски.

Петрушевски кажа дека единствен логички заклучок е дека Ковачевски и таа цела Влада околу него ова го прават само заради парите. Аферата „Броило“ е само еден доказ за тоа како премиерот Ковачевски наплаќа за сите овие погубни политики кои ги прави и кои допрва треба да ги прави.