Петрушевски: Владата на СДСМ не прифати амандман поднесен од ВМРО-ДПМНЕ за покачување на платите на наставниците, и сега за штрајкот на СОНК нѐ обвинуваат нас

Доколку сакаат да го вратат достоинството на просветниот работник, можат само со почитување на Колективниот договор, и ништо повеќе и ништо помалку, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски во вечерашното гостување во емисијата Анализа на ТВ 24, отфрлајќи ги обвинувањата од страна на СДСМ, дека опозицијата не прифаќа покачување на платите.

Петрушевски изјави дека во македонското собрание предложиле и побарале како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ да се нивелираат сите плати согласно законот за минимална плата, но како што рече истиот амандман бил одбиен од страна на владејачкото мнозинство на СДСМ.

„Ние предложивме амандман како ВМРО-ДПМНЕ и побаравме како законодавен дом да и дадеме обврска на Владата да ги нивелира сите плати врз основа на минимална плата и истиот беше отфрлен од СДСМ. Сега се повикуваат дека требало шест месеци простор да се нивелира а кога ние тоа го предложивме тие го одбија“, нагласи Петрушевски.

Според Петрушевски, Владата не прифаќа ниту еден предлог амандман од страна на ВМРО-ДПМНЕ, ниту, пакм слуша конструктивно мислење од пратениците на опозицијата, но кога ќе дојде до некој проблем како сега со штрајкот на СОНК, тогаш ја обвинуваат опозицијата.

„Прашањето е дали има пари во Буџетот да се зголемат платите или нема? Бевме сведоци каде премиерот Ковачевски кажа дека ако има покачување ќе има поголема инфлација“, објасни Петрушевски.

„Ниту еден закон не го преговара со опозицијата, не прифаќа амандмани од опозицијата, не слушаат конструктивни мислења, и ако дојдат до некој проблем крива им е опозицијата“, кажа пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.