Петрушевски: ВМРО-ДПМНЕ под уцени ниту разговара, ниту преговара, однесување на ДУИ ќе ги мотивира граѓаните да ја пратат во опозиција

Очекувано од ДУИ во недостиг од реални аргументи, реални проекти и она што се суштински проблеми на граѓаните кои што како власт во изминатите 20 години не успеале да ги решат, да излегуваат со вакви национал романтистички барања, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски запрашан за ставот на опозицската партија во врска со барањето на ДУИ претседател на државата да се бира во Собрание.

„Она што е наш став е дека, ВМРО-ДПМНЕ под уцени ниту разговара, ниту преговара, а најмалку, пак, прифаќа уцени. Ние само ќе ги повикаме граѓаните да го следат ова однесување на ДУИ и да биде тоа дополнителен мотив за сите граѓани на наредните избори да докажат дека оваа држава не е заложник на една политичка партија и дека ДУИ, како што се однесува изминативе 20 години, очигледно ќе продолжи да се однесува и наредните години”, рече Петрушевски.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали е доведен во прашање цензусот за изборот на претседател со условите на албанскиот блок и евентуален повик за бојкот, Петрушевски повтори дека време е конечно ДУИ да отиде во опозиција и тоа ќе биде со помош на сите граѓани во Република Македонија.

За тоа, како шо додаде Петрушевски, ќе придонесе однесувањето на оваа партија кое ќе ги мотивира сите граѓани на наредните избори да кажат „доста“ е и дека Македонија не е заложник на ДУИ

Петрушевски при одговор на прашање, истакна дека таквото однесување на ДУИ дополнително ќе ги мотивира граѓаните да кажат доста е.

„Ние веруваме дека ваквото однесување на ДУИ дополнително ќе ги мотивира сите граѓани да кажат доста е на наредните избори и дека оваа држава не е заложник на ДУИ, како ДУИ се однесува претходните 20 години кон државава”, рече Петрушевски.