Петрушевски: Водечка партија во владата е ДУИ, СДС е само политички приврзок

Бране Петрушевски, пратеник во македонското собрание во вечерашното интервју во емисијата Топ тема на ваша страна, на ТВ Телма, вели дека водечка партија во владата е ДУИ, а СДС е само политички приврзок во таа влада.
-Факт е дека пред некоја година оваа влада на СДС беше падната и со помош на ДУИ и еден пратеник, кој што според едни информации беше киднапиран, таа се спаси. Дополнително сега, тој ист пратениk е последен на гласањето за реконструкција на владата. Значи истиот пратеник кој што ги спаси, сега не е дел од владејачкото мнозинство. Одиме понатаму, во момент кога имаа внатрепартиски проблем ДУИ и огнените, односно пратениците кои бараат реконструкција на оваа влада, умешно користејќи соседски пријатели, беа во една соседна држава политички партии од албанскиот блок, за после тоа Алијанса на Албанците да влезе во владата и повторно уште еднаш да ја спаси оваа влада. Ова се аргументи кои укажуваат несомнено дека водечка партија во владата е ДУИ, додека СДС е нејзин политички приврзок, дециден е Петрушевски.
Тој ги отфрли обвинувањата од СДС дека ВМРО-ДПМНЕ е заложник на Левица, потенцирајќи дека Левица одработува за СДС и како што рече лажно се претставува како опозиција, а всушност е партија која најмногу сака да поминат уставните измени.
Во однос на Левица, апсолутно е дека одработува за СДС. И тоа се неспорни факти. Суштината е што Левица  цело време напаѓајќи го ВМРО-ДПМНЕ и претседателот и политиките на ВМРО-ДПМНЕ, несомнено има за цел да внесе одреден раздор во опозицијата, бидејќи тоа е партија која најмногу би се радувала доколку поминат уставните измени затоа што е свесна дека во истиот момент огромен број на гласови, кои по природа на нештата би биле за ВМРО-ДПМНЕ, ќе отидат кон Левица, изјави Петрушевски.
Во однос на уставните измени и изјавите од СДС дека пратеници на ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржат уставни измени, Петрушевски му порача на Дарко Каевски дека тој не познава пратеници од ВМРО-ДПМНЕ од вкупно 44 во собранието кои ќе гласаат за уставните измени и за внесување на Бугарите во Уставот.
-Јас не познавам пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, можеби вие некој друг познавате, но од овие 44 кои што се, не дале некогаш некаде некаква изјава поврзана со поддршка на уставните измени за внесување на Бугарите под ваков диктат, под ваков услов и под вакви околности. Уставни измени овој парламентарен состав нема да поддржи. Уставни измени во вакви уценувачки околности, со ваков пат кој што и дава за право на Бугарија бесконечно да не блокира, му рече Петрушевски на Каевски.