За да заштеди пари за такси и бесплатно да се превезе неколку десетици километри, пијан Австралиец се сместил во подвозјето на камион и така се возел неколку стотици километри.
Кога се натискал во подвозјето на камионот, 43-годишникот имал намера да се симне на некое од црвените светла на семафорите попатно. Меѓутоа, возачот го фатил „зелениот бран“ што му овозможило да вози неколку стотици километри без запирање.
На крајот, мажот морал да издржи непријатно и опасно возење околу 400 километри, висејќи на само половина метар над коловозот.
Се надевал на бесплатно 30-минутно возење до градот Кофс Харбур, во австралиската сојузна држава Нов Јужен Велс. Меѓутоа, завршил многу подалеку во државата Квинсленд, известува новинската агенција AAP.
Дури по четири часа непрекинато возење камионот запрел и во тој момент зачудениот возач здогледал како „слепиот патник“ излегува од подвозјето на камионот.
Мажот на крајот морал да плати казна од 288 американски долари. Полицијата потоа го одвела на железничка станица на долго патување назад на југ.