Шведската крајбрежна стража денеска објави дека разгледува „грубо невнимание“ и пијанство во кривичната истрага што беше отворена по сударот на два брода во Балтичкото Море, при што едно лице загина, а едно се уште се води како исчезнато.
Дански товарен брод се преврте рано изутринава, откако се судри со британски товарен брод во маглива ноќ во шведските води, а двајца членови на екипажот исчезнаа во леденото Балтичко Море.
Водачот на истражниот тим Џонатан Толин рече дека истрагата е проширена за да вклучи неколку потенцијални кривилни дела, вклучително и „грубо невнимание“ и „пијанство на море“.
Данскиот брод Карин Хој, долг 55 метри, и британскиот Скот Кариер, долг 90 метри, пловеле во иста насока кога се судриле во 3.30 часот по средноевропско време во шведските територијални води, објавија поморските агенции во Данска и Шведска.
Прво беше објавено дека две лица се водат за исчезнати, но шведските власти подоцна соопштија дека е пронајдено едно безживотно тело.
Крајбрежната стража моментално спроведува низа истражни мерки, а неколку лица се приведени, рече Толин.
Шведскиот национален одбор за здравство соопшти дека луѓето вообичаено не можат да преживеат во толку студена вода повеќе од еден час. Портпаролот на шведската поморска управа Јонас Францен изјави за Би-Би-Си дека температурата на водата била 4 степени Целзиусови, а на воздухот пет.
Двете жртви се од бродот Карин Хој, а целиот екипаж на британскиот брод е добро.
– Можам да потврдам дека дошло до несреќа, но не можам да кажам какви се околностите, рече Сорен Хој, директор на Редериет Хој, компанија која е сопственик на Карин Хој.
Данскиот метеоролошки институт извести дека маглата не била густа и дека ваквите услови „не се невообичаени“ во овој период од годината.