Пијан малолетник излетал со Ауди, совозачот се бори за живот

Четиринаесет годишно момче се бори за живот по тешката сообраќајна несреќа што се случила вчера во 22,15 часот во с. Ново Село-Куманово, на регионален пат Скопје-с.Никуштак-Куманово.

Сообраќајната несреќа се случила во близина на „Икина викендица“ во која 16 годишен малолетник од село Љубодраг-Куманово, управувајќи автомобил „Ауди А-4 Авант“, со скопски регистарски ознаки, сопственост на Р.А. од Скопје, изгубил контрола над истото, при што излетал надвор од патот и се превртел.

По незгодата, сопатникот од автомобилот лице на возраст од 14 години од Р.Словенија, Горња Радгона, е пренесено во Ургентен Центар Куманово и констатирани му се тешки телесни повреди-повреди на череп, опасни по живот и по укажана лекарска помош како итен случај е упатен во Ургентен Центар Скопје.

Увид на местото на настанот е извршен од екипа при СВР Куманово. По предходно добиено овластување на ЈО од Куманово, од малолетниот возач е земена крв за анализа, и констатирано е присуство на 0,56 промили алкохол во крвта.