Пијан возач го усмртил полицаецот кај Куманово, бегајќи удрил во возило и се превртел

Возач од Куманово под дејство на алкохол ја предизвикал синоќешната тешка сообраќајна несреќа во којашто животот го загуби полициски службеник, негов колега е тешко повреден, како и уште две лица кои се повредени кога осомничениот се обидел да побегне со возилото од местото на несреќата.

Како што претходно беше објавено страшната несреќа се случила 45 минути по полноќ кон неделата на регионалниот пат Куманово –  Свети Николе во близина на крстосница со населбата Ајдучка Чешма.

Патничко моторно возило управувано од осомничениот, жител на Куманово кој бил видно под дејство на алкохол, удрило во двајца полициски службеници. Од тежината на повредите на лице место еден од полициските службеници починал.

Возачот потоа продолжувајќи со управувањето со возилото удрил во друго патничко моторно возило во кое биле три лица и на сите им нанел телесни повреди. Возилото продолжило со движење, но од брзината и ударите се превртело, при што и возачот се здобил со телесни повреди. Сите повредени лица се згрижени во медицинска установа и им се укажува помош.

Надлежен јавен обвинител донесе Наредба за вршење обдукција на телото на починатиот. Донесена е и Наредба за прибирање траги од лице место, фотографирање и скицирање како и натамошно вештачење со кое ќе бидат утврдени фактите во предметот.

Министерството за внатрешни работи претходно објави дека автомобилот „мерцедес“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од 40-годишниот С.Ј., удрило во 37-годишен полицаец В.Ц. и А.М. кој е 25-годишен кандидат за полициски службеник, кои биле на службена должност. В.Ц. починал на местото на настанот, а А.М. со тешки телесни повреди е пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

Предизвикувачот на несреќата избегал од местото на настанот, по што на регионалниот пат Куманово – Свети Николе во близина на хотел „Сателит“ удрил во патничко моторно возило „шкода“ со кумановски регистерски ознаки, управувано од 34-годишниот Н.П..

Возачот на возилото „шкода“ и сопатникот 42-годишниот Д.Ј. се здобиле со тешки телесни повреди, а 52-годишниот А.Ј. со телесени повреди, при што Д.Ј. е пренесена во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, додека останатите повредени се пренесени во болницата во Куманово.

Осомничениот С.Ј. бил пренесен во болницата во Куманово, а против истиот во текот на денот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.