Дали во денешново наше актуелно секојдневие можеме да ги препознаеме фарисеите, можеме да ги препознаеме самарјаните, дали можеме да ја видеме жртвата на која ѝ се изналепени гладни и страдни за крв пијавици и комарци?!
Не така одамна напишав една колумна во која говорев за Евангелието по Лука, за претепаниот од разбојниците и фрлен во каналот покрај патот, кога двајца фарисеи сакале да го исчистат од пијавиците и комарците кои му се налепиле по целото тело, но тепаниот смогнал душа и им рекол да го остават така, оти ќе го убијат. Фарисеите го оставиле, коментирајќи дека е не благодарник. По кратко, поминал некој самарјанин, го исчистил страдалникот, го качил на магарчето и го однел во некоја меана, оставил два сребреника и го замолил меанџијата да поведе сметка за човекот додека закрепне, ако треба, на враќање ќе му доплати за услугата. Човекот закрепнал, станал и излегол во градината да прошета. Таму ги сретнал двајцата фарисеи, кои изненадени што го гледаат жив, го прашале дали се сеќава како реагирал кога тие сакале да му помогнат. Да, одговорил човекот, ќе ме убиевте, ќе ги симневте од моето тело сите пијавици и комарци кои беа нацицани со мојата крв, ќе ме оставевте, ќе ми се залепеа нови, гладни за крв пијавици и комарци, ќе ми ја доцицаа сета крв и јас ќе умрев…
Пораката е стравично вистинита. Во државата ни се множат скандал по скандал, за тоа кој како, на кој начин, преку кои фондови, преку членување во управни и надзорни одбори на добро етаблирани економски оператори, преку кои грантови да исцицаат пари од граѓаните на најсиромашната земја во регионот – Република Македонија.
Исто така, во една колумна пишував за стручните капацитети на актуелниот директор на Бирото за јавна безбедност, за тоа дека во периодот кога првпат ја извршуваше истата функција, буквално не испорача ништо по што би го паметеле, напротив, го паметиме по неможноста да ги разбере основните три столба на процесот на реформи во полицијата.
Сега одиме чекор натаму, службен џип, со гориво на државна сметка, без патен налог во „Евридики“ – многу сомнително и дали џипот воопшто бил управуван од полициски службеник, бидејќи ако беше така, колку и да е срамота немањето службен повод, во интерес на транспарентноста во која се колнат владините функционери, ќе го покажеа на јавноста. Во отсуство на факти во јавноста се шпекулира дека возилото било користено од ќерка му на господинот директор на Бирото за јавна безбедност, Лазе Велковски.
Затоа имаме молк, има изјава на портпаролот која некој му ја напишал, а тој кутриот мора да се држи до неа и покрај тоа што нема никаков аргумент за фактите околу самиот скандал.
Наспроти портпаролот, директорот на Бирото за јавна безбедност, одлучил да молчи… А што да каже кутриот, цел живот го премолча, освен ако нешто некој не му напише за тој да прочита, навистин нема што да каже. Но овој случај е фатен со симнати панталони и, веројатно, со право треба да молчи.
Има уште еден скандалозен настан за кој гостиварската чаршија шпекулира, а од МВР нема никакво соопштение, никаква информација за вознемирувачки настан за кој чаршијата шпекулира дека се случил пред неколку дена.
Имено, се шпекулира дека по полициски службеник е трагано откако неговото возило било најдено напуштено, а ни трага ни глас од него. По подолго трагање по него, без можност да се контактира на мобилниот телефон (повеќе од 24 часа), тој бил пронајден во неговото родно село, каде што екипите претходно неколкупати проверувале, но не го пронашле.
За случајот сигурно со причина се молчи, бидејќи наредниот ден, како што се шпекулира, полицискиот службеник скокнал од вториот кат семејната куќа, за на крај да заврши во една од Скопските болници каде бил задржан на лекување.
Ако сето тоа е вистина, не само што се молчи за настанот, туку ни министерот за внатрешни работи не појде во болница да го посети и од прва рака да се информира што се случило, која е причината за „исчезнувањето”, а потоа и за падот од вториот кат… Нешто како во случајот со пајакот што ја нападна полицајката, за што сметавме дека ќе воспостави таква транспарентна практика.
Не сакам да верувам дека молкот е некој или некои пак да се заштитат од страна на нашата професионална, стручна, не-партиска и транспарентна полиција која секогаш постапува по книга, не сакам да верувам дека полицискиот службеник ќе биде колатерална штета за да се покрие нечиј срам (така се шпекулира), нечија висока општествена позиција (и такви шпекулации има) или пу, пу, скраја било, да се заштити некој заслужен, незаменлив партиски големец.
За крај, дали не ви се чини дека пораката која уште од времето на Христа ни е пренесена низ светото Евангелие по Лука е подеднакво актуелна како и тогаш?! Дали во денешново наше актуелно секојдневие можеме да ги препознаеме фарисеите, можеме да ги препознаеме самарјаните, дали можеме да ја видеме жртвата на која ѝ се изналепени гладни и страдни за крв пијавици и комарци?!
За после сево ова, човек и да се праша: дали имаме пилот во авионот (?), и доколку шпекулациите се покажат за точни – кој ќе ја понесе одговорноста (?!) Белким не оној што по сите очекувања ќе треба сам да си оди од директорското место во Бирото за јавна безбедност, тој треба да си оди и да одговара за злоупотреба на службената положба и овластувања за користењето на џипот за приватни цели. За вториов случај, време е да се пронајде во МВР и тој што со прст не мрда да го заштити интегритетот на полициските службеници… мислам на полицискиот службеник што го чува службениот влез во министерството.
Автор: Воислав Зафировски