Централниот дефанзивец на каталонскиот гигант Барселона, Жерард Пике, јавно ги критикуваше клупските челници кои според него, не покажале доволен респект кон тимскиот колега, Сеск Фабрегас.
Одличниот играч за врска во последните неколку недели остро е критикуван за играта која ја прикажал во изминатата сезона и е посочен како еден од главните виновници за посната сезона, а се почести се шпекулациите дека ќе биде продаден за време на летниот преоден рок.
„Мене, многу ми се допаѓа Сеск, ми се допаѓа како личност и како фудбалер. Точно дека поминува низ еден многу тежок период. Знам дека му е многу тешко, но за тоа се виновни и клупските челници. Тие не покажаа доволен респект, доволно не го ценат неговиот труд. Станува збор за фудбалер кој ќе има статус на стандарден првотимец во било кој клуб, кој ќе има статус на вистинска ѕвезда во било кој клуб. Не знам каков ќе биде неговиот следен потег, не сме разговарале на таа тема. Се надевам дека ќе остане на “Ноу Камп”. Ако се погледне статистиката за изминатата сезона, на сите ќе ви стане јасно дека Сеск е најдобриот играч за врска, фудбалер со најмногу асистенции”, изјави Пике.