Пилотите рано утрово ги кренаа воздухопловите за гаснење на пожарите на Серта, Огражден, кај Негорци

По одржаниот утрински брифинг, пилотите ги кренаа воздухопловите и се упатија кон пожарите кои беснеат во Македонија, за нивно гаснење.

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов утринава информира дека кон пожарот на планината Серта во неготинскиот дел се испратени четири хеликоптери, два армиски, еден хеликоптер на МВР и црногорскиот хеликоптер. Кон пожарот на територија на Гевгелија, над селото Негорци ќе полетаат два словенечки хеликоптери.

Пожарот на територија на Општина Ново Село, на планината Огражден на македонско-бугарска граница ќе го гаснат еден голем српски хеликоптер кој носи пет тони вода и еден голем турски хеликоптер.

Ангелов информира дека во текот на денот ќе полетаат и сите Ер трактори, три на ДЗС и два турски заедно со хрватскиот канадер кон планината Серта од штипска страна.

-Ќе се обидеме денес да воспоставиме контрола на големиот пожар на планината Серта. На сите места каде ќе дејствуваат возддухопловите на земја има и противпожарни единици на кои им се приклучуваат 100 војници на АРМ и 30-тина припадници на полицијата, истакнува Ангелов.

На скопскиот аеродром се очекува да слета авионот Херкулес од Романија кој носи таканаречени водни бомби од повеќе од 5 тона, а со него ќе дојде уште еден авион кој му служи како логистика.

Од ЦУК утрово информираат дека во последното деноноќие имало вкупно 38 пожари на отворено од кои активни се 18.