Друштвото на писатели на Македонија се вклучи кон акцијата „Подари книга“ на Министерството за труд и социјална политика.
Основната цел на проектот е секој оној кој што има можност да подари книга која ќе биде ставена на располагање и во корист на децата без родители и родителска грижа, на згрижувачките семејства, на сите членови од семејствата во социјален ризик, на материјално необезбедените граѓани и сите оние кои не можат да си дозволат нова книга.
Претседателот на Друштвото на писатели на Македонија, професорот Веле Смилевски рече дека овој чин е пред се заради фактот дека акцијата е во духот на нивната перманентна грижа за ширење на кругот на читателите и додаде дека извонредно силен мотив е и фактот што акцијата е во функција на задоволување на потребите на социјално загрозените лица и семејства.
Тој потенцираше дека книгите што се донираат одговараат на сите возрасти.
– Во оваа смисла Друштвото по пат на донација на нашите членови, веќе формира една колекција од книги од областа белетристика, светската класика, лектирни изданија, поетски и прозни книги, како и дела посветени на најмалите читатели.
Смилески додаде дека во домот на македонските писатели е формирана и посебна библиотека со симболичен наслов „Подари книга“, која постојано ќе биде надополнувана со нови наслови од библиотеките и од творечките лаборатории на членовите на македонската писателска асоцијација.
Целосниот список на донираните книги редовно се ажурира и е објавен на веб страната на Министерството за труд и социјална политика. Истиот им е достапен на сите заинтересирани граѓани кои се евидентирани во системот на социјална и детска заштита, а кои имаат потреба од одреден наслов. Овие лица ќе можат да се пријават како баратели на книги во Центрите за социјална работа. Задолжени лица во Министерството по претходно добиени податоци од Центрите ќе вршат поврзување на донацијата со барателот кој има потреба од неа. Потоа Македонски пошти ќе вршат бесплатна достава на книгата до барателот.
Досега, јавени се 355 донатори на книги (книжарници, писатели…), а во Македонски пошти има вкупно 1080 книги.