Што да направите ако не сте задоволни од туристичка агенција?

Релацијата клиенти и туристички агенции е пропишана со Законот за туристичка дејност, но ретко кој патник си ги зне своите права. Добро е да знаете како да постапувате, доколку не сте задоволни од услугата на Туристичката агенција и истата не ги исполнила условите според договор.

Според Стопанската Комора за Туризам на Македонија во случај на непотполно или неквалитетно извршување на услугите, патникот има право на соодветно обештетување, исклучиво доколку приложи писмен приговор до организаторот.

„Секој патник има право на приговор врз основа на неизвршена договорена услуга. Организаторот нема да прима во процедура групни приговори кои ги поднесуваат повеќе носители на договори врз основа на еден приговор,“ велат од Комората.

Имено, на самото место патникот треба да ја рекламира неадкватната услуга кај претставникот на организаторот, а доколку истиот го нема, кај извршителот на услугите. Патникот, според прописите, е должен да соработува со претставникот и со извршителот на услугите во добра намера за да се одстранат причините за приговорот.

„ Доколку патникот на самото место не го прифати понуденото решение на рекламацијата кое одговара на уплатената услуга, организаторот нема да ја уважи доплнителната рекламација и нема да одговори на истата, “ велат од СКТМ за постапката за поднесување приговор.

Ако причината за рекламацијата не биде отстранета, патникот за тоа составува со претставникот писмена потврда (записник).

„Најдоцна осум дена по завршувањето на аранжманот,се поднесува писмен приговор во продажното место каде што го уплатил аранжманот и ја приложува писмената потврда (записникот) потпишана од претставникот како и евентуалните сметки за дополнителни трошоци. Организаторот ќе ги прими во процедура само потполно документираните приговори поднесени во наведениот рок од осум дена,“ додаваат оттаму.

Организаторот е должен да донесе писмено решение во рок од 14 дена од приемот на приговорот во продажното место. Истиот може да го одложи рокот на решението на приговорот заради комплетирање на информациите и проверка на наведените рекламации кај извршителот на услугите. Ќе ги решава само оние рекламации за кои во местото на одмор не можеле да бидат одстранети причините кои ги предизвикале.

„Додека организаторот не донесе решение по приговорот, патникот се откажува од посредување на било кое друго лице, судска постапка или давање информации во јавните медиуми. Евентуалното непридржување на купувачот-патникот кон истата, или пак нарушување на отпочнатата постапка со било каква активност спомената или не, дава причина за неприфаќање на истите приговори, прекинување на отпочнатата постапка и воедно поднесување на тужба пред надлежните органи од страна на организаторот, за наплата на претрпената штета и нарушениот углед во јавноста,“ објаснуваат од СКТМ.

Највисокиот надомест по приговорот може да достигне сума до износот на рекламираниот дел од услугите, но таа не може да ги вклучува веќе искористените услуги како и севкупниот износ на аранжманот.Со ова се исклучува правото на купувачот за наплата на “идеална штета”.