Писмо од Дабиќ: МНР ми подготви дисциплинска постапка затоа што јасно зборував за состојбите во дипломатијата

„МНР ми подготви дисциплинска постапка затоа што како претседател на Македонскиот дипломатски синдикат (МДС), јавно зборував за состојбите во дипломатијата и нејзиното можеби тенденциозно уништување. Насилието, ароганцијата и заплашувањето продолжуваат кон мене и членовите на Синдикатот, но залудно“, стои во отвореното писмо на Зоран Дабиќ, претседател на МДС.

Тој бара јавна поддршка, без разлика на национална и верска припадност, заедно да се избориме да не ни го одземаат правото на гласно зборување.

„Цел свој живот и кариера ги посветив на одбрана на македонските национални интереси и сега, неколку месеци пред пензија, нема да дозволам никој да ме замолчи! Дисциплинската постапка е покрената и покрај тоа што има низа прекршувања во истата на повеќе закони, дури и дел од Уставот на државата, кој толку сакаат да го споменуваат периодов! Нејсе, ова нека биде мој печат на мојата долгогодишна дипломатска кариера која ќе ја завршам за Македонија! Македонија е наша татковина, земјата моја и на моите деца! Моите пензионерски денови ќе ги уживам во прекрасните македонски места со убава македонска храна и прекрасни пријатели кои не познаваат вера и нација, туку само убаво поминати денови. Останете ми живи и здрави, секое раководство доаѓа и си заминува, додава тој во своето отворено писмо.