![PIO XII: EBREI ROMA; DIALOGO IMPORTANTE MA NO AVALLO PACELLIIL DOCUMENTO VOTATO ALL'UNANIMITA' DAL CONSIGLIO COMUNITA'](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/09/wccor1_0kv5qeya_ori_crop_MASTER__0x0.jpg?resize=656%2C492&ssl=1)
Таканаречениот воен папа Пие Дванаесетти уште во 1942 година ги знаел поединостите за нацистичкиот обид за истребување на Евреите во холокаустот, според писмо пронајдено во ватиканските архиви што е во спротивност со офицјалниот став на Светата столица дека информациите кои Ватикан тогаш ги имал биле нејасни и непроверени.
Пожолтеното писмо отчукано на машина за пишување, кое во неделата го објави италијанскиот дневен весник Corriere della Sera има исклучително значење, бидејќи го открил ватикански архивист и го објавил со поттик од функционери во Светата столица.
Писмото датирано од 14-ти декември 1942 година го напишал свештеникот Лотар Кениг, језуит кој учествувал во антинацистичиот отпор во Германија, а е адресирано до личниот секретар на папата во Ватикан, отецот Роберт Лејбер, исто така Германец.
Ватиканскиот архивист Џовани Коко рекол дека важноста на писмото е „голема“ и дека претставува „единствен случај“, бидејќи покажува дека Ватикан имал информации дека работните логори се всушност фабрики на смртта.
Во писмото Кениг му порачува на Лејбер дека извори потврдуваат дека околу 6.000 Полјаци и Евреи дневно се убиваат во „СС-печките“ во логорот Белзек кај Рава-Руска, тогаш дел од Полска окупуран од Германија, а денеска во Украина.
„Новината и важноста на овој документ произлегува од фактот дека сега сме сигурни дека Католичката црква во Германија му испратила на Пие XII точни и детални вести за злосторствата над Евреите“, вели Коко за Corriere della Sera во написот насловен како „Пие XII знаеше“.
На прашањето на новинарот на миланскиот весник дали писмото покажува дека папата навистина знаел, Коко одговара „Да, и не само од тогаш“.
Несортирани документи
Во писмото се споменуваат уште два нацистички логора Аушвиц и Дахау и од него произлегува дека постојат и други писма меѓу Кениг и Лејбер кои се изгубени или сѐ уште не се пронајдени.
Приврзаниците на папата Пие велат дека работел во заднина за да им помогне на Евреите и дека не се огласил за да спречи да не се влоши ситуацијата за католиците во Европа која тогаш била окупирана од нацистите.
Критичарите, пак, велат дека немал храброст да проговори за информациите кои ги имал, и покрај наводните барања од сојузничките сили кои се бореле против Германија.
Писмото било меѓу документите за коишто Коко вели дека не биле сортирани се чуваат во ватиканскиот Државен секретаријат и дека дури неодамна му биле предадени на централниот архив во кој тој работи.
Сузане Броун-Флеминг, директорка на меѓународните академски програми во американскиот Меморијален музеј на холокаустот во Вашингтон, за агенцијата Reuters вели дека објавувањето на писмото покажува дека Ватикан сериозни ја сфаќа изјавата на сегашниот папа Франциск дека „Црквата не се плаши од историјата“.
Поглаварот на Римокатоличната црква во 2019 година нареди да се отвори архивскиот материјал од периодот на Втората светска војна.
„Постои и желба и поддршка за внимателна процена на документите од научна перспектива, било да се поволни или неповолни во она што документите го откриваат“, додава Броун-Флеминг.
Во одговор преку електронска пошта за Reuters, Давид Исраел Кертцер, добитник на Пулицеровата награда и автор на книгата „Папата во војната“ од 2022 година, вели дека Коко е „врвен, сериозен научник“.
Броун-Флеминг, Коко и Кертцер ќе учествуваат на голема конференција посветена на Пие XII и холокаустот следниот месец во Папскиот универзитот Грегориана којашто ја спонзорираат католички и еврејски организации, Стејт департментот, како и израелски и американски истражувачки групи за холокаустот.