Новак Ѓоковиќ е централна тема во сите светски медиуми, а британскиот весник Daily Mail во четвртокот попладнето во своето електронско издание објави многу интересни детали од писмото што сојузниот министер за здравство на Австралија го испратил до Тениската асоцијација и организаторите на првиот Грен слем.
Во електронската порака јасно стои дека претходната инфекција со коронавирусот не е доволна за тенисерите да добијат ослободување од вакцинација, што му создаде проблем на Новак Ѓоковиќ и го спречи да влезе во земјата, пишува весникот.
Најдобриот светски тенисер пристигна во Мелбурн во средата доцна вечерта за да ја одбрани шампионската титула, но беше запрен на влезот во земјата со тврдење дека не му е одобрено лекарското ослободување, иако претходно доби гаранции од организаторите и помина два панела.
Писмо испратено од министерот Грег Хант до извршниот директор на Австралија опен, Крег Тили, се појави кон крајот на ноември, укажувајќи дека организаторите биле навреме предупредени дека играчите нема да можат да влезат во земјата иако неодамна се заразиле со коронавирусот.
„Пограничните власти на Австралија ги советуваат луѓето да бидат целосно вакцинирани, како што е препорачано од ATAGI (Националната управа за вакцини) за да можат слободно и без карантин да влезат во земјата“, се вели во писмото.
„Што се однесува до вашето конкретно прашање, можам да потврдам дека лицата кои имале корона во изминатите шест месеци и сакаат да дојдат во Австралија од други континенти, но не примиле две дози вакцина одобрена кај нас, нема да се сметаат целосно вакциниран“, го предупреди Хант.
Како што пишува натаму Daily Mail, ова писмо требало да им овозможи на организаторите на Австралија опен навреме да го известат Ѓокови, како и другите тенисери кои имаат намера да дојдат на Австралија опен невакцинирани, за да немаат проблеми на влезот во земјата.
Според нив, Ѓоковиќ бил убеден дека потврдата оти прележал Covid-19 во изминатите шест месеци ќе биде доволна за да влезе во Австралија без вакцината.
Дали Крег Тили и раководството на Австралија опен навреме му го претставија на Новак сето ова, останува сомнеж. Сигурно е само дека имиџот на најдобриот тенисер во светот е значително нарушен.