Писториус предупреди дека судирот со Русија би можел да трае со децении

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус во своето обраќање на Минхенската безбедносна конференција во саботата ги предупреди земјите членки на Европската унија и на НАТО дека мора да се подготвуваат за со децении долг судир со Русија.

„Напорите Русија да се вклучи во европската безбедносна архитектура по Студената војна пропаднаа. Сите овие обиди беа во спротивност со стратегијата на Кремљ повторно да ја виспостави својата доминација во источна и централна Европа“, рече Писториус но притоа не посочи на конкретни нешта во полза на неговото тврдење.

Западните сојузници цврсто ќе стојат крај Украина „без оглед на тоа колку (рускиот претседател Владимир) Путин ќе ја продолжи оваа незаконска и бесмислена војна против суверена нација“, додаде германскиот министер за одбрана.

Писториус истакна дека ќе постои линија на раздвојување во Европа во следните децении.

„Слободна и демократска Европа од една страна, авторитарната и военоподбуцнувачка Русија од другата. Клучот на судирот беше повторното воспоставување на воена моќ на НАТО во Европа за спротиставување на руската закана. Ефикасното одвраќање е нашето животно осигурување“, продолжи Писториус.

Германскиот министер за одбрана тврди дека постојат три димензии на ефикасното „одвраќање на Русија“.

„Алијансата мора да вложи повеќе пари во одбраната, да ги обнови индустриските капацитети за производство на муниција и да ги подготви воените сили за распоредување и борба кога тоа е потребно“, објасни Пистрориус.

Истовремено, германскиот министер за одбрана призна дека Западот мора да ја смени стратегијата и со „поблиската соработка со земјите од јужната хемисфера и поголемото почитување кон тие земји се потребни за спротиставување на руското глобално влијание“. „Тоа вклучува согласност на договори за извоз на оружје“, рече Писториус.